Беровската опозиција на прес- конференција денеска со свое видување за отчетот за првата година од работењето на градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски. Според Никола Атанасов, претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Берово, градоначалникот Пекевски се пофалил со проектите изработени и скоро во целост реализирани од претходниот градоначалник и администрацијата. - За време на 100 дена отчет а и сега кога се навршува една година од назначувањето на Звонко Пекевски за градоначалник, тој поголемиот дел од проектите најбезобразно си ги припиша за свој успех. За среќа жителите на општината многу добро паметат кој и што направил и во кое време, рече Атанасов. Атанасов, кој беше против кандидат на Пекевски во претходниот изборен циклус додава дека во програмата за која градоначалникот бил избран да ја реализира, тој ветувал проекти, а истите не ги реалзирал. - Најголем реализиран проект изминатата година ви беше свеченото пуштање во употреба на четири канти за ситно ѓубре и еден контејнер, кои патем ви беа донирани. За овој бомбастичен проект кој дури и медиумски го промовиравте ни се смееше цела Македонија, а во меѓувреме Берово се дави во ѓубре и никогаш не било толку нечисто, кажа Атанасов. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Атанасов, продолжува да го следи секој чекор во работењето на градоначалникот Пекевски и за се навремено ќе ги информира граѓаните на општината, а кога ќе дојде време за се ќе направи ревизија и ќе иницира соодветни постапки.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 10:23