Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска на работен состанок со политички претставници од пелагонискиот регион разговарал за заложбите на МОН за подобрување на квалитетот на образованието за учениците од тој дел на Македонија.
На средбата присуствувале Џемил Ќамили, градоначалник на Долнени, Муса Ибрахими, заменик-директор на Агенцијата за катастар, и Елгафар Јусуфи, директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Битола.
- Подобрувањето на квалитетот на образованието е еден од главните приоритети на Министерството и Владата и во однос на ова посебно внимание ќе им се посвети токму на зоните што се запоставени, во смисла на можностите за исполнување на законската обврска за основно и средно образование, истакнал министерот Адеми.
Тој посочил дека и целта на тековните измени на законите за основно и за средно образование и на Законот за ученички стандард е да се обезбедат најдобри законски решенија за спроведување на најавените реформи.
Како што информира МОН, Адеми ветил дека Министерството максимално ќе се ангажира за остварување на правата на образованието на мајчин јазик за сите ученици.
- Претставниците на пелагонискиот регион изразија подготвеност да придонесат за да може најбрзо и најефикасно да се спроведуваат овие политики, чија суштина е еднаквост во образованието како предуслов за подобро спроведување на реформите што ги презема Министерството за образование и наука, наведува МОН.