Триесет и девет тематски целини за Република Македонија содржи „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“ во издание на „Едука Мак“. Автори на текстовите се Ели Маказлиева, Татјана Грегова и Александра Велинова, а на илустрациите - Игор Јовчевски.

Енциклопедијата беше промовирана денеска, а авторката Маказлиева рече дека се работи за единствено издание од ваков вид кај нас. Да се направи вакво дело, рече таа, е многу тешка работа затоа што мора да се имаат сите информации за Македонија и тие да им се приспособат на најмалите.

- На Гугл може да најдете информации од секаков вид, но да се стават дозирани содржини кои ќе бидат наменети само за децата е неверијатно тешка и макотрпна работа. Идејата произлезе од тоа што јас со моето повеќе од 30-годишно работење како уредник и како автор честопати се среќавав со енциклопедии кои беа копродукциски изданија преведени од странски издавачки куќи и од разни видови - општи и тематски. И кај нас, исто така, се правеа обиди да се направат некакви енциклопедии, но за нашата држава досега не сретнав некој да добие таква идеја, изјави Маказлиева.

Иако целна група се децата од шест до 12 години, според повратната информација, вели таа, има впечаток дека енциклопедијата заинтересирала и возрасни читатели.

- Затоа што и возрасни луѓе не знаат некои податоци за државата, кои се внесени овде, во над 80 страници и во опфатените 39 теми - за градови, села, цркви, џамии, планини, езера, за обичаи и верувања, за храната што се јаде и сето тоа придружено со фасцинантни илустрации, кои се оригинални, од македонски автор, додаде Маказлиева.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 16:38