Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје воведува нов пристап во урбанистичкото планирање на просторот, заради што за студентите започнува практична настава на терен со што ќе се запознаат со конкретните потреби на локалните заедници.
Ваквата практика започна со посета на Кочани, при што вработените во службите за урбанизам во општината ги претставија основните точки на кои се заснова планирањето на просторот и развојот на градот од урбанистички аспект, со посебен акцент на проблемите и потребите на долг и краток рок.
- Работната посета на Кочани ни беше од голема корист во рамки на предметот Архитектонско обликување и започна со посетата на Споменикот на слободата, како значајно уметничко и архитектонско дело за градот. Во Македонија се уште постои сфаќање дека урбанизмот е една, економските работи се друга, а туризмот, на пример, е сосема трета работа. Тоа е погрешен пристап, затоа што планирањето на развојот на еден град е синергија меѓу сите овие страни, поради што мора конечно да започнеме со силна визија за урбанистичко планирање, но не на краток рок. Идните архитекти мора да излезат од воообичаените шаблони за планирање на просторот и да размислуваат повизионерски, истакна Дивна Пенчиќ, професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, пред студентите ги претстави плановите за урбанистички развој на градот, со очекување тие да дадат свои размислувања за одредени сообраќајни решенија, искористувањето на просторот за паркови и зеленило, како и за развој на туризмот.