Во Прилеп деновиве интензивно се асфалтираат улици. Досега се завршени четири, а во наредниот период ќе се асфалтираат десетина улици во градот, нагласи прилепскиот градоначалник Илија Јованоски при денешниот увид на градежните работи на улиците „Јоска Јорданоски“ и „Февруарски поход“, каде се во тек завршните работи пред почетокот на нивното асфалтирање.
Со тоа Општината продолжува со реализацијата на Програмата за инфраструктурно уредување на градот и на населените места.
- Изминативе денови беа асфалтирани улиците: „Кеј 1.Мај“, „Кеј 9.Септември“, „Бранко Секулоски“, како и улицата „Александар Македонски“ во должина од 1.200 метра. Следниве денови продолжуваме со асфалтирање на десетина улици. Наредниот месец ќе се прави Програмата за асфалтирање на улиците за 2019 година. Тоа значи дека во Прилеп ќе нема неасфалтирана улица, истакна Јованоски.
Наведе дека освен во градот, почнуваат и со реконструкција и тампонирање на улиците во руралните средини.
- Досега се тампонирани улици во: Мало и Големо Коњари, Кадино Село, Мажучиште, Галичани, Беровци и Ново Лагово. Ќе се асфалтираат откако ќе заврши асфалтирањето на улиците во градот. Тврдам дека целосно ќе биде реализирана Програмата и за оваа, и за следната година, нагласи градоначалникот на Прилеп.
Во Прилеп се тампонирани повеќе улици со вкупна површина од над 8.000 квадратни метри, додека во населените места е поставен тампон на површина поголема од 27.000 квадратни метри, како подготовка за нивно асфалтирање.