На 20 и 21 октомври во Прилеп, в сабота и в недела, по 18-ти пат ќе се одржи меѓународниот музички детски фестивал „Ѕвездички“. Околу 17 учесници до 14 години од повеќе земји ќе пеат песнички, ќе другаруваат и ќе ги зацврстуваат пријателствата. Учесниците се од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Унгарија, Литванија, Русија, Украина, Казахстан и Македонија.
Покровител на фестивалот е општина Прилеп и денеска градоначалникот Илија Јованоски ги прими учесниците во големата сала од локалната самоуправа, посакувајќи им пријатен престој во градот и земјава.
Уште еднаш, ѕвездичките од целиот свет се собираат во Прилеп да им донесат радост на децата од Македонија, вели организаторот Марјан Катароски.
- Задоволство ни е што го имаме 18-годишниот јубилеј. Славиме полнолетство и ова ни е една голема јубилејна проба за 20 годишнината. Како и секогаш, ѕвездичките носат многу убави песни, на различни јазици од целиот свет. Се надевам дека ќе успееме да ја пренесеме целта дека тие се сепак деца, без разлика од каде доаѓаат и на каков јазик зборуваат, изјави Катароски.
Според градоначалникот Јованоски, Прилеп им дава несебична поддршка на најмалдите.
- И годинава Општината е покровител на овој фестивал и дава несебична поддршка на најмладите. Имаме гости од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Унгарија, Литванија, Русија, Украина и Казахстан кои ќе уживаат овие неколку дена во нашиот град. Сакам да победи најдобрата песна, а се надевам дека од учесниците ќе произлезе и некоја идна музичка ѕвезда, истакана Јованоски.
Дечињата беа восхитени од престојот во Прилеп и во Македонија.
- Имам 10 години и доаѓам од Србија, од Нови Сад. Ќе се претставам со песната „Сакам да љубам“ која зборува за љубовта и тоа како треба да им се помага на сите, рече Бојана Стефановиќ од Србија.
- Доаѓам од Русија за да пеам. Многу сакам да пеам, а исто така сакам да запознам многу пријатели од целиот свет, рече Јулија Канифатова од Русија.
- Доаѓам од Казакстан. Се чувствувам многу убаво, долго се подготвував за доаѓањето тука, снимив нова песна со која ќе се претставам на фестивалот. Мојата песна се вика “Јас сум среќно дете“, пеам од 5 години, а сега имам 11 години, вели Ајпара Шакиева од Казакстан.
Основна цел на фестивалот е да создаде пријателски врски помеѓу децата од различни етнички и верски средини и да ги стави во практика принципите за заедничко живеење, меѓусебна толеранција и разбирање, како и надминување на културните разлики помеѓу децата од целиот свет.