Во шеснаесетата крводарителска акција која традиционално по два пати во годината се организира под мотото „Аполонија-Ден на крводарувањето“ денеска во Гевгелија беа собрани рекордни 72 единици крв, резултат незабележан во изминатите осум години од одржувањето на акцијата.

Акцијата упешно ја организираа и реализираа фондацијата „Аполонија“ од Гевгелија и Општинската организација на Црвениот крст, а ја спроведе стручна медицинска екипа од Републичкиот завод за трансфизиологија од Скопје.

Од гевгелискиот Црвен крст велат дека веќе се движат кон бројката 600 крвни единици која реално ќе ги доближи до крајот на годината до зацртаниот план, а од фондацијата „Аполонија“ дека и до година ќе бидат успешни организатори на нови две крводарителски акции.

- Сега сме на добар пат да го исполниме годинашниот план на полето на крводарувањето кој изнесува 800 крвни единици затоа што до крајот на годината ќе организираме уште неколку акции. Следната наша акција во најблагородната и најхуманата активност на Црвениот крст ќе ја организираме кон крајот на овој месец во гимназијата „Јосиф Јосифовски“, рече Младен Бундов, активист во гевгелискиот Црвен крст.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 19:29