Амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивљак-Томиќ, оствари работна средба со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, во пресрет на новиот повик од ИПА за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија.

– Ми причинува големо задоволство што вашата општина има одлична соработка со општините од Србија, особено со збратимените општини, но и ја проширувате соработката со останатите градови од соседството, на полето на културата, пред се во рамки на вашито меѓународен Театарски фестивал, фолклорниот фестивал, ама одлично би било да се продлабочи соработката и на економски план, тоа се ваши и наши приоритети, но и се друго. Се надевам она што претстои, најавеното отворање на Европските фондови за прекугранична соработка помеќу нашите две држави, се отвораат и нови перспективи за нашите граѓани, рече Дивљак-Томиќ.

Нагалси дека еден од конкретните интереси, она за што веќе говореле со Мицевски е и спомен костурницата на Српските војници од Првата светска војна, која е споменик на културата, а се наоѓа во Крива Паланка.

-Делиме заедничка сегашност, се надевам ќе делиме и заедничка иднина. Она што во наредниот период планираме да го направиме е бришење на граничните линии, односно, секоја гарница да биде формалност, со интегрирање на земјите во ЕУ. Во таа насока, ние како општина , она што го имаме како досегашна долгогодишна соработка на полето на фолклорот, во културната размена, на театарските фестивали, ќе го унапредуваме на сите полиња. Покрај со најблиските општини, Босилеград и Трговиште, ја прошируваме соработката со Панчево и Бор, а со Вршац веќе одамна е воспоставена одлична соработка и се надевам ќе ја прошириме со отворање на ИПА фондовите, порача Мицевски.

На средбата беше разговарано и за решавање на проблемот со времениот граничен премин кај Голеш, Мала Црцорија меѓу Србија и Македонија, кој е долгогодишно барање на жителите од двата погранични региони.

Амбасадорката ја посети спомен-костурницата на Српските војници од Првата светска војна, 1912-1918 година, која се наоѓа на влезот на Крива Паланка, покрај главната улица, а е заштитен споменик на културата.

-Српскиот завод за заштита на споменици на културата направи проценка за реновирање на костурницата, каде покрај самиот објект, кој е заштитен споменик на културата, најголем проблем е кровната конструкција. Првичната проецена е дека реконструкција, со стручни лица, би чинела околу 20.000 евра, но се надевам и вашиот завод за заштита на споменици на култура ќе изготви елаборат, па може и за помалку пари, со помош на донации и спонзори, ќе ја реновираме, рече Дивљак-Томиќ.

Според Мицевски, спомен-костурницата е локалитет кој може да ја надополни културната понуда на градот, особено за агенда з апсоета од страна на странски туристи.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2018 17:23