Не постои универзален, општоприменлив, уште помалку идеален модел на одржливост односно самофинансирање на дигиталните медиуми денес.
Имајќи ги предвид актуелните социјално-економски, општествени и политички околности што доминираат во државите од регионот речиси без исклучок. Тоа е комплексно прашање детерминирано од многу меѓусебно зависни и поврзани параметри, уште повеќе проблематично доколку се опстојува врз императивот за квалитетно новинарство од интерес на заедницата.
Прашањето на самоодржливоста на електронските медиуми како еден, можеби најважниот, предуслов за независноста на новинарството беше една од темите на дискусија во рамки на меѓународната конференција што во организација на БИРН – Македонија со поддршка на Кралството Холандија викендов се одржува во Охрид.
Учесниците на собирот во Охрид – претставници на медиумите, на медиумски организации, експертите за рекламирање и на стартапите, согласни дека потрагата по самоодржливост на медиумите во време кога новинарството подолг период се соочува многу предизвици, не само локално или регионално туку и во светски рамки, е навистина сериозен предизвик. Дотолку повеќе што, како што беше посочено, доброто, квалитетното, општествено корисно новинарство години наназад е под постојани напади на лажни вести, квази-медиуми, портали без импресум, пропаганда, социјални медиуми, копи-пејст практики и слични појави што лесно доаѓаат до публиката преку современите технолошки достигнувања во глобализираното имформатичко општество.
Обраќајќи се пред претставниците на медиумската заедница од регионот холандскиот амбасадор Вутер Пломп во оваа прилика ја посочи слободата на медиумите и изразувањето како темел врз кој се базира политиката за заштита на основните човекови права.
– Одржливоста на дигиталните медиуми останува најголемиот предизвик за независноста на дигиталните медиуми. Одржливоста не значи дека сите медиуми треба да бидат одржливи, туку оние квалитетните треба да можат да бидат самоодржливи, рече Пломп притоа посочувајќи одредени позитивни примери во холандското новинарство.
Експертите во своите излагања истакнаа одредени совети и препораки за силните страни и слабостите на различните бизнис-модели што можат да се применуваат како начин за одржливост на медиумите, притоа презентирајќи некои примери како модел на претплата на информации, потоа финансирање преку членство, кои се очекувањата на рекламерите од медиумите, каде оние што се рекламираат ја гледаат својата публика и слично.
Горан Михајловски од порталот СДК зборувајќи за практиките на финансирање на медиумите во Република Македонија посочи дека во околности каде се, од детски градинки до водоводи, функционира врз основа на странска помош и донации, да се зборува за одржливост на независни медиуми во земјата претставува научна фантастика.
– Најголемиот проблем во Македонија е тоа што оние што се рекламираат не прават разлика меѓу дигиталните медиуми што продуцират реални содржини, вести од страна на професионално ангажирани новинари и „one man show" портали кои крадат, пресликуваат информации, истакна тој. Како други проблеми тој посочи на секогаш постоечката опасност од политички притисоци, како и конкуренцијата што произлегува од портали што продуцираат целосно измислени и лажни вести.
Што се однесува на новите околности во медиумската сфера и дигитализацијата, генерално стои оценката дека дигиталните медиуми на Балканот слабо се снајдоа со новите предизвици во ерата на поствистината, кои држејќи се до традиционалните алатки наместо внесување иновации придонесоа за создавањето предуслови за засилување на ехото од дезинформации.
Павле Златиќ од непрофитната организација ИРЕКС, инаку поранешен новинар на „Б-92", во своето излагање посочи дека обезбедувањето средства за финансирање медиумите во иднина треба да ја бараат преку создавање конкретна публика, заедница на корисници кои препознале квалитет, а за што на крајот на краиштата би биле подготвени да платат.
– Треба да се замисли ситуација дека од утре повеќе нема пари, или на пример дека се затвораат сите медиуми. На кус рок тоа ќе биде само ќе биде констатирано од публиката, но на подолг рок тоа е катастрофално за заедницата. Заедницата има потреба од медиумите, со што се потврдува важноста од доброто информирање. Па токму во таа насока треба да се работи, кон убедување на заедницата за важноста на кредибилните медиуми, а за кои потоа ќе бидат подготвени да платат, посочи Златиќ.
Тој призна дека моментално постојат реални препреки што го оневозможуваат таквиот начин на обезбедување средства за финансирање на медиумите, од сиромашно, слабо едуцирано население, па се до законски проблеми, регулаторни прописи, но истакна дека сепак, останува неисполнетата задача на медиумите да работат во насока на убедување на сите чинители во општеството, па и на луѓето за потребата и важноста од кредибилни медиуми.
Во рамки на конференцијата во Охрид предвидено е да се одржат повеќе панели, студии на случај и работилници на кои познати и искусни медиумски експерти, но и бизнис-претставници и претставници на старт-апи ќе дискутираат за повеќе теми од аспект на предизвиците со кои се соочуваат медиумите во хиперкомпетитивната ера.