Во изминативе девет месеци од годинава од СВР Тетово спровеле 50 акциски контроли во угостителски објекти (тетовско 33 и гостиварско 17). Контролите биле дел од активности за откривање и законско санкционирање на странски државјанки кои непријавено престојуваат и работат или се инволвирани во евентуални кривични дела.

– Најголемиот дел од контролите се спроведени во летните месеци јули, август и септември и притоа откриени се 188 странски државјанки (ТЕ-154 и ГВ-34). Најголемиот број од нив (122) се од Република Албанија, 38 од Република Србија, 17 од Република Косово, 5 од Република Бугарија, и по 2 од Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. При контролите, во објектите била затекната и 201 македонска државјанка, вели Марјан Јосифоски портпарол ан СВР Тетово

По нивното приведување, овие лица предадени се на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, а потоа поголемиот број од нив се изведени пред судија за прекршоци на Основните судови во Тетово и Гостивар.Според возраста, откриените странски државјанки кои работеле „на црно“ се на возраст од 18 до 45 години.

Странските државјанки во објектите биле ангажирани како танчерки и пејачки, но и како келнерки, собарки или друг угостителски персонал. Повеќето од нив го злоупотребиле туристичкиот престој и престојувале спротивно на целта или непријавено биле вработени, што е спротивно на Законот за странци.

Според Јосифоски, злоупотреба на престојот се среќава и во овој период. Според карактерот главно се странски државјани, кои работат како надничари или се така наречени економски емигранти.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2018 18:10