Близу 60 млади од Македонија од општините Делчево, Пехчево, Берово, Македонска Каменица и Виница учествуваат на дводневната образовна екскурзија која се реализира во Благоевград, соседна Бугарија. Патувањето е на покана на фондацијата „Бугарска памет", а како што истакна делчевецот Венци Димитровски на чија иницијативата се реализира патувањето, екскурзијата е дел од долгогодишната програма на Фондацијата за трансгранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. - Првата станица од патувањето на младите беше во Благоевград. Во рамки на посетата учениците го посетија Регионалниот историски музеј, античкиот квартал „Вароша“, каде што ја разгледаа „Измирлиевата куќа" и црквата „Воведение на Пресвета Богородица“, рече Димитровски. Како дел посетата како што истакна претседателот на фондацијата д-р Милан Врабевски младите од Источна Македонија имаа и презентација на тема „Европа". - Наша цел за организирање на овој настан пред се беше на младите да им ја доловиме сликата за Европската унија, нејзината структура, улогата на нејзините основни институции и можностите за развој кои ги нуди самата заедница. За време на презентацијата за учениците беше организиран квиз натпревар во чии рамки најдосетливите добија награди, рече Врабевски. Во рамки на трансграничната соработка во наредниот период на 16 ноември фондацијата ќе организира натпревар во роботика, информатика и претприемништво при што најдобрите ученици на крај на годината ќе имаат можност за посета на Брисел. Фондацијата „Бугарска памет" претходно во Банско организираше спортска дружба помеѓу учесници од Македонија и Бугарија, а неодамна донираше и опрема за делчевската детска градинка Весели Цветови.