Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе Известување за откриени содржини во кои има повикување на насилство или најави за однесување кое би значело загрозување на туѓа безбедност, а се објавени на профили на социјалната мрежа Фејсбук во изминатите 24 часа, кои се соодветно документирани.

Против Г. Т. (48) од Скопје, поради споделена објава на социјалната мрежа Фејсбук со која се шири говор на омраза и загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија, до надлежното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава согласно чл.319 и чл. 144 став 4 од Кривичниот законик на Република Македонија, соопшти МВР.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk

МВР, како што се наведува во соопштението, нема да толерира закани по живот на граѓани и повици за насилство и ќе ги презема сите потребни мерки за одржување и зачувување на јавниот ред и мир



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2018 10:23