Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вечерва во Хотелот „Цар Самуил“ во Бања Банско ја отвори 21 Тортијада на лицата телесен инвалидитет.

Во своето обраќање премиерот Заев истакна дека Македонија има прекрасни креативни луѓе, кои заслужуваат да живеат во модерна и европска Македонија, ужувајќи ги сите придобивки и права на тој развиен свет.

– Ама и ние имаме што да и понудиме на Европа, една богата, разнолика традиција на култури и вредности, еве како што е и оваа Тортијада, со која што 21 година досега се гордееме. И бидете уверени, се движиме кон Европа, ќе ја споделиме и оваа Тортијада со Европа. И ќе се живее европски во нашата Македонија, рече претседателот на Владата во обраќањето пред присутните.

Тој се осврна и на досегашините решенија и одлуки што Владата ги има донесено за лицата со телесен инвалидитет.

– По првпат оваа година Владата донесе програма за персонална асистенција на лица со попреченост, целосно финансирана од буџетски средства. Верувам дека оваа услуга ќе придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост, како и за нивно активно и рамноправно учество во заедницата и општеството. Полесно е вака и ред е државата да се грижи за квалитетен живот подеднакво за секој граѓанин, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на 21. Тортијада организирана од Здружението на лица со телесен инвалидитет„ Мобилност“ од Струмица.

Учесниците и гостите ги поздравија и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, како и претседателот на Здружението на лица со телесен инвалидитет на Македонија, Бранимир Јовановски.

На манифестацијата учествуваат натреварувачи од организациите членки на „Мобилност“од повеќе градови од земјава. Беа подготвени 11 торти, а најдобрите три се наградени.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2018 11:23