Кумановската уметница Валентина Илијевска учествуваше на петтата Интернационална ликовна колонија „Бурулус“ во Египет, која се одржа од 1 до 16 октомври во организација на Фондацијата на доктор Абдула Вахаб.

На колонијата учествувале 40 уметници од Египет, Индија, Бангладеш, Грузија, Кина, Оман, Тунис, Италија, Татарстан, Јордан, Ирак, Саудиска Арабија и Судан.

Веќе пет години по ред, вели Илијевска, успешно се отсликуваат ѕидовите на станбените згради, куќи и бродовите во месноста Бурулус во Египет, со што се овозможува јавна промоција на уметници и колонијата.

-Чест и задоволство ми беше, пред се, што бев дел од оваа екипа и што имав можност да ја претставам нашата историја, култура и уметност, да разменам искуства со колегите од различните држави, изјави Илијевска.

Колонијата, додаде уметницата, овозможува запознавање на културата и уметноста на различните држави преку отсликаните живописни мурали на уметниците, кои јавно се презентирани за пошироката публика.

-Ја претставив историјата на Македонија, нејзиното писмо, фолклорот, изјави Илијевска.

Кумановската уметница досега учествувала на бројни колонии и групни изложби во државава и странство. Таа е магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство. ам/хс/



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2018 14:28