Ацо Ѓоргиев од струмичкото село Муртино е афористичар, Јане Атанасов од Кочани е сатиричар, а Методи Андонов од Штип е карикатурист. Тројцата се собраа во Штип за да кажат колку нивната уметност е маргинализирана. Носталгични се по времето кога нивните дела се објавуваа во дневните или специјализираните весници за сатира, афоризам и карикатура. Забележуваат дека им недостига мирисот на штотуку купениот весник и моментот кога ги вртат страниците, а на некоја од нив објавена нивната сатира, афоризам или карикатура. Новата ера на компјутерите и на социјалните мрежи го избриша тоа време. Нивните дела сега можат да се видат, да се прочитаат на социјалните мрежи, а колку на публиката и се допаднале проверуваат преку кликнатите иконки за допаѓање или колку пати се споделени.

Двајцата афористичари и едниот карикатурист пред да почнат со разговорите со новинарите се договорија и кој прв да почне. Карикатуристот Андонов како домаќин им даде предност на Ѓеорѓиев и Атанасов.

– Зошто да биде брзо, едноставно и евтино, кога може да биде бавно, комплицирано и скапо. Република комплицирана Македонија, вели афористичарот Ѓеоргиев, кој сака да истакне дека е од струмичкото село Муртино, а со афоризмите, како посебен литературен жанр, почнал да се занимава во позрелите години. Почнал со поезија, а потоа сфатил дека му „лежат“ и афоризмите.

– Со афоризам се занимавам околу десет години и мислам дека се пронајдов таму. Продолжувам понатаму да го негувам тој литературен жанр, каде што мислам дека можам да се доискажам со своите мисли, афоризми и тоа за се што се случува во нашето општество. Сега да не го цитирам, што рекол Фројд, најмногу инспирација добивам од политиката и од еротиката. Главно тука се моите мотивации, вели Ѓоргиев.

Афоризмите ги објавува во свои книги, зборници со повеќе автори, алманаси или енциклопедии.

– Меѓутоа ги објавуваме и на социјалните мрежи, пред се на Фејсбук, Твитер. Но таму има некои посебни предности или слабости, со кои се бориме со текот на времето. Потребна е поголема поддршка за овој вид уметност. Повторно ќе аплицираме до Министерството за култура и оваа година да ни дадат средства за некои проекти што ги имаме замислено во насока на поголема популаризација на афоризмот и сатирата во целина, рече Ѓоргиев.

Атанасов во стилот на еден сатиричар забележува дека сатирата и афоризмите се на „жално“ ниво и тој како и неговиот колега Ѓоргиев смета дека е стеснет просторот каде што можат да ги објавуваат своите дела.

– Сега имаме друга можност преку социјалните мрежи и интернетот, но тоа е веќе нешто друго. Претходно во дневните и специјализираните весници имаше некоја, ајде да не кажам цензура, но сепак имаше некое вреднување. Значи што е тоа што се објавува, од аспект на квалитет, денес сите пишуваме и објавуваме. Така што тоа вреднување како квалитет го немаме, но имаме можност сите што пишуваме, што мислиме дека сме напишале нешто, тоа и да го популаризираме. Инаку, да го дополнам Аце, сите се снаоѓаме како што знаеме и умееме, вели Атанасов.

Афористичарите во земјава имаат и свое здружение „Афористичка репрезентација на Македонија“, преку кое организираат настани и се обидуваат да објават и понекоја книга, а македонските автори се застапени и во книги и зборници што се објавуваат и во балканските земји.

– Инаку, жално е тоа што немаме материјални можности. Тоа е уметност, како и поголем дел од уметностите, кои не се ценети, не се платени, а творештвото, кој не го работел, на кое било поле нема да го знае. Одзема многу време, не е само да имаш талент, туку треба и многу време тој талент да го искажеш на хартија и кога нема каде да го презентираш и нема некој да ти го вреднува, барем минимално трудот што си го вложил, е тоа е жално, потенцира Атанасов.

Тој како ентузијаст, преку здружението „Афористичка репрезентација на Македонија“ шест години организира афористичка вечер во Кочани. Министерството за култура три години по ред ја поддржувало манифестацијата, но Атанасов вели дека од нејасни причини оваа година не добиле поддршка. Многу личности кои се имаат пронајдено во сатирите и афоризмите им се имаат налутено на оние што ги напишале.

– Инаку сатиричарот, афористичарот, тоа му е и дарба, професија да се бунтува против некои неправилности, да ги жигосува и некој што ќе се препознае и директно ако е прозван веројатно знаеме и дека ќе реагира. Знаеме некој реагира со насмевка, некој со иронија, а некој па ти подготвува и нешто одзади и нема да знаеш кога ќе ти возврати. Има реакции, но не е ништо страшно, вели Атанасов.

Андонов, кој со карикатурата се занимава од седмо одделение, е на став дека оваа уметност е маргинализирана и доколку не се сега интернетот и социјалните мрежи не може да ги популаризира своите дела.

– Порано имаше златни времиња на карикатурата, кога беа „Остен“ и други весници, кои ги објавува комплетно секоја недела. Искрено, сега ако не е компјутерот нема кој и каде да се објави, нема хумористичен лист што може тоа да го преземе и да го експлоатира. Јас еве како пензионер сакам со некој да соработувам, но нема каде, вели Андонов.

Првата портрет-карикатура што ја има создадено е во 1962 година, и тоа на познатиот фудбалер Шекуларц, кој по мајкина линија е штипјанец.

– Колешката моја од класот ме запозна со него и таму ја изработив и првата негова портрет-карикатура и е со автограм, ја имам ден-денес, вели Андонов.

Неговите карикатури можеа да ги видат штипјани во рамките на Деновите на маргинализираните уметности што ги организира здружението „Медија плус“ од Штип.

Викторија Димитрова-Јованова



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2018 16:13