Вештачкото езеро што пред десетина години се формира во една од депресиите на поранешниот рудник за јаглен Осломеј, со површина од над 30.000 метри квадратни и со максимална длабочина до 15 метри, првпат се порибуваше со крап во текот на овој викенд.
За порибување на Осломејското Езеро иницијативата беше покрената од група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, кои имаа за цел ова вештачко езеро за краток период да се претвори во вистински рај за спортските риболовци и љубителите на убавата природа.
– За да биде што попривлечно за спортските риболовци и љубителите на убавата природа, поголема група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, одлучивме со сопствени прилози да го порибиме Осломејското Езеро и со тоа да му дадеме и поширока анимација на овој простор. Од страна на доброволци од нашиот град собравме стотина илјади денари, средства наменети за прво порибување со крапска риба на ова езеро, а рибниот подмладок го обезбедиме од рибник кај Неготино. Го порибивме езерото со крап од сите големини и во езерото пуштивме и десетици матици, кои ќе се мрестат во самото езеро, а подмладокот од овие матици, очекуваме да има побрза адаптација на условите во оваа вештачка акумулација, што ќе овозможи и натамошно размножување на крапот во самото езеро и зголемување на рибниот фонд, вели Бесмир Елези, еден од иницијаторите на оваа акција и главен помагател за порибување на езерото.
Се очекува да се уредува и просторот околу самиот брег на езерото кој служи за атракција за лубителите на природата.