Ски-центарот Кожуф е во очајна состојба. Планинарите, кои се искачија на врвот Зелен Брег, изразуваат жалење за состојбата во која се наоѓа и бараат да се преземе нешто за да заживее центарот.

– Ужасна е состојбата што успеав да ја претставам преку фотографиите што ги направив. Се надевам дека ова нема да остане вака и дека ќе се преземе нешто за да заживее планинскиот бисер на југот од државата, кој има голем потенцијал за да привлече домашни и странски посетители, вели планинарот Маријан Митриновски.

Според Ангел Наков, поранешен извршен директор на АД Ски-центар Кожуф, што беше со седиште во Кавадарци, центарот во моментов е во стечај, во фаза на изработка на план за реорганизација.

– Постапката за стечај во април 2016 година ја поведоа 11 вработени врз основа на неисплатени плати. Против оваа постапка беа сите големи доверители, но вработените останаа на нивното барање на компанијата да и се отвори стечај. До тој момент центарот беше комплетно оневозможен да ја извршува својата дејност, бидејќи единствениот пристапен пат до него, од 2014 година, со решение на државниот инспектор за патишта беше затворен за сообраќај. И покрај сите писмени ургенции и поведена кривична постапка против Македонија пат, овој пат беше оставен без никакво комплетно одржување и на уништување од природата, рече Наков за МИА.

Во септември 2016 година, нагласи, се откриле вистинските причини поради кои новоизградениот регионален пат со вредност од осум милиони евра бил затворен и оставен на уништување.

– Тоа е поради одлуката на минатата влада, во 2013 година да издаде пет концесии за геолошки истражувања на планината Кожуф. Две од овие концесии се на самите граници на Скијачкиот центар Кожуф. Од друга страна, новоизградениот пат е во средина на еден од идните рудници. Имајки предвид дека ова се рудници со отворен коп со површина од 3.000 хектари, било нужно новиот пат да биде комплетно уништен, додаде Наков.

Ски-центарот Кожуф, рече, е најголемата гринфилд-инвестиција во туризмот во Македонија, со вложени 20 милиони евра.

– За период од три години се изгради комплетна комунална инфраструктура, првата шестоседна жичница на Балканот, првиот систем за технички снег во Македонија и сето тоа од водечки светски компании и со врвна нова опрема. За време на првите две зимски промотивни сезони центарот го посетија над 70.000 туристи и тоа претставуваше одличен почеток за планинскиот туристички комплекс Кожуф, што ќе беше најголемиот центар во Југоисточна Европа. За жал, претходната влада имала други планови во заднина, кои, за среќа, со поддршка од граѓаните од целиот југоисток не се реализираа. Наместо да се развиваат туризмот и заштитата на природата и човековата околина, ќе бевме сведоци на уништување на последните нечепнати шумски и водни ресурси во Македонија, нагласи Наков.

Во овој момент, според него, се подготвувал план за реорганизација на Ски-центарот Кожуф, кој требало да обезбеди рестарт на овој проект во наредната година.

– Овој проект е од национално значење и ќе има огромен придонес за развојот на туризмот и економијата во Македонија. Се предвидува отворање на 1.200 директни работни места и уште толку индиректни. Во третата година од своето работење овој туристички комплекс ќе учествува со еден процент во БДП на Македонија. Останува единствено обврската на оваа влада да изврши санација на овој регионален пат и до средината на 2019 година да биде пуштен во сообраќај. Во моментот се работи на проект за санација на овој пат од компанијата ГЕИНГ од Скопје, информираше поранешниот извршен директор на АД Ски-центар Кожуф.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2018 14:10