Македонското здружение за заштита при работа со низа настани ќе ја одбележи Европската недела за заштита при работа која годинава е посветена на управувањето со опасни материи.
Од денес до петок, кога и се одбележува Европската недела за заштита при работа, во повеќе компании и синдикални организации ќе бидат организирани промоции на кампањата „Управување со опасни материи“.
– Опасните супстанции имаат негативно влијание врз квалитетот на животот на работниците и способноста за работа, а во некои случаи може да бидат фатални. Професионални несреќи предизвикани од опасни материи, резултираат со значителни трошоци за бизнисите. Постои недостаток на свест за природата и изобилството на опасните супстанци на работното место и за ризиците кои што произлегуваат од нив, и има мал или никаков напредок во намалувањето на изложеноста на работниците во последниве години, посочуваат од Македонското здружение за заштита при работа.
Според Европското истражување за работните услови, процентот на работници кои пријавуваат дека се изложени на хемикалии не се променил од 2000 година, односно останува околу 17 проценти.
Од страна на Европската агенција за безбедност и здравје е определена 43-тата недела од годината како Европска недела за безбедност и здравје при работа.