Велешката комунална градска депонија е во катастрофално лоша состојба, оцени градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Тоа, како што појасни за медиумите, го заклучил од увидот при две неодамнешни ненајавени посети.

– Тоа е друг свет. Нема да се задржите таму ни две минути. За жалење се вработените кои таму работат. Се е спротивно на законот бидејќи ЈКП„Дервен“ кое стопанисува со депонијата со одлука на Советот на општината е обврзано да не дозволува никој да влегува на депонијата, освен вработените. Но, таму има групи на Роми, кои наместо вработените ја вршат работата на собирање и селектирање на отпадот. Немате претстава колку кучиња скитници има таму, алармира Коцевски.

За бројните реакции на граѓаните дека и по два месеца од пожарот, депонијата во долниот дел се уште чади и тешко се дише, Коцевски посочи дека веднаш по посетата и увидот на состојбата им дал налог на комуналните инспектори да направат записници. Потоа во рок од три дена екипи на ЈКП „Дервен“ конечно го сопреле чадењето на депонијата за смет. -Ако немаат градежна механизација треба да ангажираат градежни фирми да ископаат и да го затрупаат делот каде што депонијата чадеше и смрдеше неподносливо и им го загрозуваше здравјето на граѓаните, посочи револтирано Коцевски. Комуналната Градска депонија на Велес лоцирана во непосредна близина на градот како и во изминатите лета наназад се запали и годинава на 20 август, а по цел ден горење беше изгасната со интервенција на пожарникарите од ТППЕ, но долниот дел од депонијата и по скоро два месеца се уште тлееше и чадеше. Општинскиот инспектор за животна средина тогаш посочи дека причина за пожарот во депонијата се можеби депонискиот гас и високите температури, но не го отфрли ни факторот човек. Депонијата пред четири години беше оградена со жица и осветлена, но на неа секојдневно има невработени лица собирачи на пластични шишиња и друг отпад за селектирање. Градоначалникот Коцевски на ЈКП „Дервен“ му наложил на градската комунална депонија да постави лиценцирано обезбедување за да не може никој да влегува освен вработените. Според локалната власт, решение за оваа нестандардна градска депонија е изградба на нова регионална депонија каде отпадот ќе се селектира. За нејзина изградба, општината треба да најде 20 милиони евра, а засега има само техничка документација.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2018 15:55