Кичевските спортски риболовци за во февруари идната година најавија нова акција за порибување на Осломејското Езеро, откако минатиот викенд го извршија првото со рибен подмладок крап обезбеден од рибник кај Неготино. Иницијативата покрената од група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, е со цел ова вештачко езеро за краток период да се претвори во вистински рај за спортските риболовци и љубителите на убавата природа.

За акцијата, спортските риболовци Љупчо Крстески и Бесмир Елези, двајцата од Кичево, нагласија дека првото успешно порибување е направено здружено од Македонци и Албанци за поубаво Кичево и неговата околина.

– Ќе бидеме заедно и во иднина, ќе се бориме заедно за ова природна убавина во нашата општина, додава Елези изразувајќи убедување кичевските спортски риболовци и љубители на природата ќе продолжат заедно да се борат за уредување, порибување и зачувување на Осломејско Езеро.

Инаку, порибувањето го извршија поголема група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, со сопствени прилози.

– Го порибиме езерото со крап од сите големини и во езерото пуштивме и десетици матици, кои ќе се мрестат во самото езеро, а подмладокот од овие матици, очекуваме да има побрза адаптација на условите во оваа вештачка акумулација , што ќе овозможи и натамошно размножување на крапот во самото езеро и зголемување на рибниот фонд, вели Бесмир Елези, еден од иницијаторите на оваа акција и главен помагател за порибување на езерото.

Се очекува да се уредува и просторот околу самиот брег на езерото.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2018 19:25