Екологисти од ЕД „Вила Зора“ ги потсетуваа надлежниот државен инспекторат и Министерството за животна средина дека и покрај забраната за работа поради одземења на А интегрираната еколошка дозвола фирмата „Техно Павер“, која стопанисува со Варницата, повеќе од четири и пол месеци продолжува против законско работење односно со загадување на воздухот на двете велешки населби Тунел и Превалец каде и е лоцирана.

Исто така, преку испусниот канал од Варницата, таа многу често ја побелува реката Тополка и прави масовeн помор на рибите и останатиот жив свет во реката.

Ненад Коциќ од ЕД „Вила Зора“ во името на граѓаните кои секојдневно повеќе од година и пол алармираа до нив за тешката состојба односно презагадениот воздух со бела прашина кој им го отежнува дишењето, апелира до надлежните итно да преземат мерки и да ги заштитат од загадувањето.

Во спротивно од името на граѓаните, јавно најавува дека ќе преземат радикални мерки- односно масовни протести на искажување граѓанска непослушност по велешките улици.

Ние имаме пратено повеќе преtставки до надлежниот Државен инспекторат за животна средина и Регионалниот и до Министерството за животна средина, но освен инспекции, евидентирање и бројни ветувања од нив,конкретни мерки се уште нема, потенцира Коциќ. Градоначалникот Аце Коцевски неделава повторно преку прес конференција реагира до централната власт и инспекторатот итно да го принудат загадувачот да преземе мерки и да го спречи загадувањето на воздухот и водата.

Тој потсети дека иако Варницата е во Велес, бидејќи имала А интегрирана еколошка дозвола е под ингеренции на централната власт.

Коцевски потенцира дека како градоначалник е должен да инсистира да се преземат неопходните мерки за заштита на граѓаните и животната средина.

Воедно информира дека до надлежното Министерство за животна средина барал спроведување на законот, но и дека тие и покрај тоа се уште не презеле ништо да го принудат загадувачот да ги заштити жителите од понатамошно загадување.

– Се прашуваме како Варницата работи? Моите сознанија се дека работат бесправно и незаконски, бидејќи пред четири и пол месеци им е одземена А интегрирана еколошка дозвола.Јас немам ништо против работењето на фабриката, бидејќи таму егзистираат наши сограѓани, но тоа не смее да биде на сметка на здравјето на луѓето и не’ на сметка на загадување на животната средина, вели Коцевски.

Тој најави дека ќе продолжи со разговорите со централната власт, за итно преземање на потребните мерки за фабриката да продолжи да работи, но само законски и да не загадува.

– Ние будно ќе ја следиме состојбата и ќе ја информираме јавноста за сите понатамошни мерки, а очекуваме во постапката за добивање А интегрирана еколошка дозвола и согласно законот да биде вклучена и Општина Велес, а не да биде заобиколена како претходниот пат, потенцира Коцевски.

Тој најави дека доколку не се преземат неопходните мерки, ќе застане на чело на граѓанските протести и акции за спречување на безаконското работење, а се’ со цел како што рече работите да се доведат како што треба.

Инаку, А интергрираната еколошка дозвола за работа на велешката Варница со која стопанисува „Техно Павер“ како што информира Коцевски по постапката што Општина Велес ја покренала пред Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен, како резултат на реакциите на велешката јавност, Министерството за животна средина и просторно планирање, на каменоломот „Техно Павер“ за Фабриката во велешката населба Превалец, на 4 јуни годинава ја одзема еколошката А интегрирана еколошка дозвола за работа.

Оттогаш со исклучок на еден мал ремонт на сепарацијата, Варницата продолжи со бесправно работење и се уште работи без прекин и продолжува да загадува.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2018 10:18