Пофункционално работење и прецизно дефинирање на надлежностите и мандатот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците се дел од предлог измените и дополнувања на Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците кои се помалку од 20 отсто од населението, за кои денеска се одржа јавна дебата со претставници на власта, пратеници, претставници на Агенцијата и Мисијата на ОБСЕ.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман рече дека иако Агенцијата работи и е основана од 2008 година, изминатите години и работата и резултатите се далеку од очекувањата на заедниците и токму со таа цел минатата година е започната постапката за изготвување предлог-измени и дополнувања на законот на Агенцијата.

– За изготвувањата на дополнувањата на законот имаме поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која исто така претставува една од најзначајните поддржувачи на Агенцијата. Предлог-законот е изготвен од работна група во која учествуваат претставници на институции кои имаат допирна точка со заедниците и невладиниот сектор. Ова е прв настан каде го објавуваме законот на пошироката јавност и очекуваме поддршка од сите засегнати страни, истакна Рахман.

Посочи оти процесот за изготвување на измените и дополнувањата бил максимално инклузивен и оти ова е само почеток на целата фаза, изразувајќи очекување оти финалниот закон ќе придонесе агенцијата да работи поефикасно за разлика од минатото.

– Најголем проблем во минатото претставуваше неточно дефинираниот мандат на агенцијата и испреплетените надлежности. Со новиот предлог-закон сакаме да ги дефинираме точно надлежностите на Агенцијата. Исто така значаен елемент е и координацијата и усогласувањето со останатите институции како и надзорот, што новина во предлог-законот, додаде Рахман.

Сара Барбиери, офицер за општествена кохезија при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, рече дека ОБСЕ веќе многу години работи со сите релевантни државни институции како и со организациите на заедниците, кои се претставени денеска во насока на промоција, унапредување и заштита на правата на заедниците, и унапредување на социјалната кохезија во општеството.

– Еден од клучните приоритети на ОБСЕ е да и помогнеме на земјата да ја унапреди постоечката политичка, правна, законска и институционална рамка, така што сите заедници ќе можат слободно да ги остваруваат своите права и да учествуваат активно во сите сфери на јавниот живот, рече Барбиери.

Додаде дека Мисијата го поддржува овој процес со нивна експертиза, со цел да се овозможи усогласеност со стандардите на ОБСЕ.

– Покрај изготвувањето на законските измени, ќе биде изготвен и акциски план со кој треба да се обезбеди ефикасна примена на изменетиот закон. Од суштинско значење е и Владата да обезбеди неопходни финансиски средства за имплементација и спроведување на Законот, и на соодветниот Акциски план, рече Барбиери.

Изрази очекување оти целиот процес ќе биде отворен, транспаретнен, инклузивен, партиципативен и ќе ги вклучува сите засегнати страни.

Заменик-директорот на Агенцијата Џељал Хоџиќ рече дека целта на новиот закон е да се добие функционална Агенција, со цел да се остварат правата на заедниците што се под 20 проценти од населението кои следуваат според Уставот и законите.

– Она што ние во моментот имаме за жал е една агенција која била создадена со добра намера, но не функционира добро во праксата. Сакаме да добиеме Агенција која ќе придонесе во градењето на едно општество за сите и ќе помогне да се остварат правата на заедниците кои се под 20 проценти од населението во Република Македонија, рече Хоџиќ.

Во поглед на новините во поглед на медиумите, Хоџиќ рече дека новината во новиот закон за медиуми, а што се однесува на заедниците под 20 отсто, а новиот Четврти канал на МТВ.

– Она што се однесува на заедниците, и она што ние го имаме како најава на еден наш партиципативен форум наменет само за медиумите на јазиците на заедниците, е дека ќе се отвори нов Четврти канал, што ќе биде наменет само за заедниците под 20 проценти. Она што е главно е заедниците е да добијат функционални редакции и мобилни редакции да бидат екипирани со стручен кадар, и да бидат мобилни а да не се сведат само на скопски редакции, туку да бидат државни редакции. Самиот јавен сервис има малку поспецифична улога од останатите медиуми, тој треба да продуцира квалитетна програма во образованието и едукација на граѓаните, но и да ги поттикнува и покрива прашањата важни за заедниците под 20 отсто, рече Хоџиќ.

Ддаде дека Агенцијата била консултирана во изготвувањето на Законот за медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2018 15:29