Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до надлежното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава против M.K. (27) од Охрид, поради објава на социјалната мрежа Фејсбук со која се предизвикува загрозување на сигурноста на пратеник, односно поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело по чл.144 „Загрозување на сигурност“ од Кривичниот законик на Република Македонија.

Како што соопшти МВР, по насоки на Основното јавно обвинителство Охрид, на 22.10.2018 година М.К. е повикан во полициска станица, каде појаснил дека објавата ја направил од својот мобилен телефон. Мобилниот телефон е одземен за понатамошно вештачење.

Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика наведуваат дека и понатаму ќе продолжат со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи и апелираат до сите граѓани кои се изложени или сведочат вакви закани, да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2018 15:53