Во Струмица денеска почна Есенската школа за млади афористичари, на која учествуваат ученици од трите средни училишта во Струмица.
Школата ја водат афористичарите Ацо Ѓоргиев и Ристо Филчевски.
- Интересот за афоризмот како маргинализирана уметност кај младите не е голем. Затоа сакаме да го поттикнеме интересот кај оние ученици коишто имаат афинитет за пишување. Да им дадеме поттик за да бидат малку покреативни. Се надеваме дека во наредните два месеци ќе го предизвикаме интересот кај младите за пишување афоризми, рече Ацо Ѓоргиев.
Школата ја организира Општинската установа за деца и млади „Благој Јанков Мучето“, а финансиски е поддржана од општина Струмица.
Предвидено е покрај предавањата и практичните вежби да се претстават и афористичари од Македонија.