Градоначалникот на општина Гевгелија,Сашо Поцков, амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда и претставничката на УНДП, Луиза Винтон денеска присуствуваа на свеченото предавање во употреба на депонијата за комунален отпад во Гевгелија, вредна 980.000 евра. Депонијата кај Гевгелија зафаќа површина од 20.000 метри квадратни, има капацитет од 50 тони отпад дневно и ќе биде од времен карактер за период од пет години.
Депонијата е прва од ваков тип во Македонија, градена според стандардите на ЕУ за што градоначалникот Сашо Поцков изрази посебна благодарност до јапонската влада за доделениот грант и на УНДП за помошта при реализацијата на проектот.
- За нас ова е капитален еколошки проект кој ги решава најгорчливите проблеми во општина Гевгелија. За време на бегалската криза за нас особено беше значајна помошта од УНДП која донираше комунална опрема, возила за транспорт и финансиски ја подржа изградбата на бунарите за вода кај Вардар, а беше крунисана со грантот од Јапонија кој овозможи да се изгради оваа модерна депонија која ќе создаде услови за затворање на дивата депонија кај Сува река и најмодерен третман на комуналниот отпад, нагласи Поцков.
Амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, посочи дека состојбата на луѓето секогаш е приоритет за Јапонија и дека проектот имплементиран од страна на УНДП и општина Гевгелија ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните.
- Се надевам дека накоро ќе се вратам во Гевгелија за да видам како работи депонијата и како придонесува за подобар живот на луѓето, рече Ханеда.
Претставничката на УНДП, Луиза Винтон, изрази гордост што нејзиниот мандат во Македонија завршува со извонреден проект во Гевгелија што може да го следат и другите општини во државата.
- Мислам дека депонијата во Гевгелија ќе стане место каде ќе може да дојдат обичните граѓани, сите други градоначалници и министри да видат дека депонијата изградена според стандардите на ЕУ не претставува обично ѓубриште и обична дупка за отпад, рече Винтон.