Конзерваторските работи на крстилницата во Епископската базилика во Стоби се завршени со третиот грант од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на САД, вреден речиси 89 илјади американски долари наменет за овој археолошки локалитет. Првиот американски грант од 15.000 долари беше за истражувања на Римскиот форум во Стоби, а следниот од 72.600 долари – за заштита на фреските од базиликата.
На свеченоста по повод заокружувањето на новиот проект, премиерот Зоран Заев рече дека Епископската базилика заедно со крстилницата во стариот град Стоби го сочинуваат најголемиот, најзначајниот и највеличествениот ранохристијански комплекс во Македонија. Заедно со четирилисната крстилница, рече тој, претставува исклучително културно наследство и заедно со раскошните мозаици и мермерната декоративна пластика нуди драгоцени информации за градителските и уметничките достигнувања на овие простори.
-Мозаикот во крстилницата на Епископската базилика претставува најрепрезентативен и најпрепознатлив симбол на Стоби и на македонското културно наследство. Секогаш кога сме на вакви места, убаво е да му се препуштиме на искушението на фантазијата за момент да си ја претставиме сликата на градот Стоби од тој период, претстава за жив град, за крстопат на кој се среќавале патници, трговции, граѓани на тогашните европски цивилизации. Во жив град кој ги одушевувал со неговото богатство преточено во прекрасните градби какви што биле амфитеатарот, Епископската базилика, палатите на администраторите на Римската империја, градскиот плоштад и други градби, рече Заев.
Министерот за култура Асаф Адеми се заблагодари за американската поддршка, соопштувајќи дека од 2001 година Амбасадорскиот фонд на САД во Македонија досега инвестирал околу 1.300.000 американски долари.
-Станува збор за 13 проекти за зачувување, конзервација и реставрација на културното наследство на повеќе локалитети во земјава: заштита на јавната зграда Стоа на локалитетот Вардарски рид кај Гевгелија, конзервација на стари ракописи во Охридскиот завод и музеј, заштита и реставрација на црквата „Св Спас“ во Скопје,заштита на турската бања Хан-ан во Тетово, заштита на мегалитската опсерваторија Кокино, реставрација, санација и конзервација на Даут-пашиниот амам во Скопје, заштита на фрескописот на црквата „Св Богородица-Перивлепта“ во Охрид,конзервација и реставрација на Шарената џамија во Тетово, конзервација на стариот конак во манастирот „Св Архангели“ во скопско Кучевиште и за реставрација на Златковата кула во Кратово, рече Адеми.
Американскиот амбасадор Џес Бејли истакна дека САД се горди на овој проект за кој, како што појасни, биле потребни многу топли денови и археолошко-конзерваторска работа за да се тргнат купишта земја од мозаиците и со нивна конзервација тие да се вратат на светлината на денот, а со тоа и да се зачува Епископската базилика и другите остатоци од комплексот.
-Благодарност до екипата археолози и конзерватори во Стоби, со вашата напорна работа придонесовте да се зачува ова значајно културно богатство на Македонија. Вашата работа е особено значајна и има влијание, бидејќи познатиот мозаик со паун во Епископската базилика се гледа и како симбол на големото културно наследство на Република Македонија, истакна Бејли.
Комплексот се состои од Епископската базилика, Голема или Филипова базилика и крстилницата, кои претставуваат најзначајни ранохристијански градби откриени на територијата на Македонија. Поради тоа, заштитата и презентацијата на овој уникатен споменик на раното христијанство беше меѓу врвните приоритети на НУ Стоби, уште со првиот проект од 2013 година наменет за конзервација на мозаикот на крстилницата. Недостигот од финансиски средства ја одложувал заштитата се до 2016 година кога оваа национална установа го доби овој грант од Американскиот фонд на САД.