По точно една година од новата локална власт, општина Прилеп се консолидира, ги отплатува наследените долгови, инвестира во нови проекти, ја извршува најаваената програма за капитални и инфраструктурни зафати, како на локалната самоуправа, така и на локалните јавни претпријатија, беше истакнато на денешната прес конференција на локалната самоуправа и на јавните претпријатија по точно една година на новата локална власт.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски општина Прилеп излегла од наследените долгови од 202 милиона денари и ја завршува годината на позитивна нула.

-Од 202 милиона денари долг, 60 милиони денари се долг кон Светска банка, долг од 38 милиони денари за судски пресуди извршни решенија и над 109 милиони евра за продадено земјиште. Општината врати 100-ина милиони денари, а во овој период уште 90 ина милиони денари. Со буџетот за 2019 ќе стартуваме од почеток, без долг рече Јованоски.

Општината ги решава проблемите со двата штетни наследени капитални проекти, за основно училиште во населбата „Сточен пазар„ и за Градскито стадион „Гоце Делчев“. Оваа година, според Јованоски интензивно се работело, а ќе продолжи и наредната 2019-та.

-Ја пуштивме во употреба детската градинка во ОУ „Рампо Левката“ со капацитет за згрижување на 100-деца со што се намали проблемот. За неколку месеци ќе биде направена детската градинка во кругот на Тутунскиот комбинат за уште 100-ина деца, за што е готова техничката документација. И за да се згрижатуште околу 300 деца ќе се прави детска градинка во населбата Точила со што ќе се реши овој долгогодишен горлив проблем. Направен е Дневниот центар за лица со церебрална парализа. Проблемот не е целосно решен, но е поттик за во иднина да ги згрижиме сите лица. Годинава ја пуштивме пробно пречиститечната станица. Тоа не е проект на општината, но помогнавме да се решат состојбите, заедно со Министерството за животна средина. ЕУ учествуваше со 17 милион и евра, а државата со околу пет милиони евра. Уредени се детски игралишта во неколку населби и се уште се работи на овој инфраструктурен зафат, се асфалтираат локални патишта, како и до населените места. Реконструирани се основните и средните училишта за што се потрошени 20 милиони денари. Следуваат интензивни активности за гасификацијата на Прилеп. Се изработува тендерската техничка документација за секундарната мрежа за што општината издвои шест милиона денари. Купивме нови автобуси на метан. Тендерот заврши за четири нови автобуси, деновиве ќе се склучи договорот и од 2019 година ќе бидат на располагање за градскиот јавен превоз. Ќе се купи ново противпожарно возило и цела опрема за 14-те пожарникари. Прилеп во наредниот период ќе добие нов театар, а повеќето се за опцијата да биде во склоп на зградата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ . Во тек е новиот јавниот оглас за идејно решение зашто на претходниот се јави само еден претендент. Одвоени се три милиони денари за основниот проект, а ќе помогне и Министерството за култура. Во тек е и проектот за ревитализација на комплексот „Маркови кули“, набројува Јованоски.

Прилепските јавни претпријатија за простсорно и урбанистичко планирање, за „Водовод и канализација“, „Пазари“ и Комуналец“ нагласуваат дека излегле од претходните дубиози и сега постепено се нормализираат активностите за уреден, водоснабден и чист град.

Според Марија Цветаноска, директор на ЈП За урбанистичко планирање јавниот превоз ќе добие нови градски автобуси.

-Располагаме со 13 автобуси, стари преку 22 години од кои само 7 се во функција на јавниот градски превоз, но сепак се во надолна кондиција. превозот на патници на трите линии се извршува со три автобуси, а превозот на учениците и на вработени во фирмите во Технолошката зона е со автобуси под наем. Во тек е набавката на четири нископодни автобуси на метан со субвенции на општината кои треба да го решат проблемот. Но за пензионерите важи бесплатниот превоз. Го профункциониравме одделението за паркинг-простор, а во одделението за урбанизам се во тек повеќе проектно-плански документации и детални урбанистички планови, нагласува Цветаноска.

За Емил Јанески, директор на ЈП „Водовод и канализација“ меѓу најбитните активности е промената на азбестните, со полиетиленски водоводни цевки.

– Ги компензираме наследените долгови кон Министерството за животна средина се зголемува техничката компетентност на претпријатието за решавање на губитоците во водоводот,за што во тек е набавката на гео-скенер. Во тек се проекти за репарирање на старите водомери, за замена на азбесни цевки со нови, полиетиленски како и за преземањето на новата пречистителна станица од државата. Изработивме два проекти со кои е аплицирано во владата, за реконструкција на старите бунари за зголемување на количествата вода за граѓаните. Претпријатието се грижи и за состојбата во населените места, нагласи Јанески.

Кристијан Илиоски, директор на ЈП „Пазари“ смета дека битно е што со субвенциите на општината се одржува претпријатието.

-Постепено се стабилизира ситуацијата во претпријатието и тоа со субвенции на Општината зашто се наследени повеќе финансиски дубиози. Ќе го допокриеме градскиот пазар, еден од напознатите во државава, рече Илиоски.

Најголемото јавно претпријатие, „Комуналец“ , според првиот човек, Ѕвонко Јованоски, е на пат да се рехабилитира.

Со домаќинско работење, за десет месеци долгот од 90 милиони денари го намаливме за една третина, а е набавена и нова опрема во вредност од 4,5 милиона денари за одржување на чистотата на градот. Изградивме нов стационар за кучиња и се проширува проектот за примарна селекција на отпадот со кој Прилеп е прва општина во државава. Правиме инвестициона програма за наредната година, за прв пат, а вложуваме и во нови простории на претпријатието, нагласува Јованоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2018 20:03