Македонското еколошко друштво соопштува дека пред неколку дена на патот Охрид-Кичево бил прегазен рис, а како последица од ударот потоа и угина. И покрај обидот на тимот од МЕД рисот да се спаси и да се пренесе во Скопје, таа поради повредите угина при транспортот.
Рисот бил прегазен кај месноста Славеј Планина. МЕД за рисот доби повик од член на ловното „Питон” од Охрид.
„По еден час возење рисот не даваше веќе знаци на живот. Во ветеринарната клиника беше направена надворешна проверка на состојбата на телото од страна на ветеринарниот лекар Диме Велковски. Беше заклучено дека рисот (адултна женка) има скршен колк, нема внатрешно крвавење и причината за смртта била преголем стрес и доста низок крвен притисок, веројатно поради изгубената крв од ударот (хиповолемија). Беше земена крв за здравствена и генетска анализа. Крвната слика направена во клиниката укажа на релативно здрава единка”, изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за зачувување на балканскиот рис во МЕД.
„Овој трагичен настан уште еднаш ја покрева иницијативата за отворање на прифатен центар за диви животни во Македонија којшто ќе има голема улога во спасување на повредени диви животни и во кој ќе треба да работат обучени ветеринари и биолози за работа со диви животни”, соопштува МЕД.
Балканскиот рис е критично загрозено животно според критериумите на Светската унија за заштита на природата (IUCN). Последната проценка е дека ова животно брои не повеќе од 50 возрасни единки.
МЕД неколкупати предупреди дека за изградбата на автопатот Кичево-Охрид потребно е да се внимава за подземните и надземните премини, особено на местата каде планините од двете страни на патот се во непосредна близина, што овозможува и природен премин за различни видови животни.