Финансиската полиција до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција – Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Демир Капија Т.Д. (61) за злоупотреба на службената положба и овласувања, потпомогнат од Т.П (48) во својство на овластен проценител и П.М (60) во својство на претседател на Советот, како и од М.Ј. (65) во својство на поттинувач односно лице кое се стекнало со противправна имотна корист. Кривичната пројава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, помагање и поттикнување.

Од финансовата полиција појаснуваат дека во март 2012 година бил склучен грант договор помеѓу Делегацијата на Европската унија во Скопје и градоначалникот на Општина Демир Капија Т. Д. кој се однесувал на имплементација на проект – Центар за едукација и вмрежување во туризмот во вредност од 262.366 евра.

За инвестиција во инфраструктура односно реконструкција на стара училишна зграда во сопственост на Општина Демир Капија и на четвртопријавената М.Ј., инвестирани се парични средства во висина од 11.247.184 денари, од кои од Грант договорот износ од 101.230 евра односно 6.225.645 денари, како и дополнително обезбедени парични средства од Буџетот на Општина Демир Капија во износ од 5.021.539 денари.

Првопријавениот Т.Д. од Демир Капија во својство на градоначалник на Општина Демир Капија, потпомогнат од второпријавениот Т.П. и третопријавениот П.М. и поттикнат од четвртопријавената М.Ј., во периодот од 2013 до 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што на четвртопријавената М.Ј. и продал објект и земјиште на КП бр. 4082/2 во половина сопственост на Општина Демир Капија за 1.667.000 денари, кој износ e 10 пати помал од реалната пазарна цена, односно не ја земал предвид и претходно инвестираната реконструкција од Општина Демир Капија на објектот во износ од 11.247.184 денари, со што и овозможил на четвртопријавената М.Ј. да се стекне со противправна имотна корист, на штета на буџетот на Општина Демир Капија.

Првопријавениот Т.Д. на 12.06.2013 година склучил Договор за продажба на недвижност – половина зграда од околу 800 м2, сопственост на Општина Демир Капија како продавач и М.Ј. од Кавадарци како купувач, во вредност од 1.667.000 денари, кој износ првопријавениот преку својата лична трансакциска сметка и го префрлил на четвртопријавената за да може истата да го купи објектот. Исто така првопријавениот од својата лична трансакциска сметка и по извршената продажба, во име и за сметка на четвртопријавената М.Ј. префрлил парични средства во износ од 4.493.000 денари за реконструкцијата на објектот, односно го финансирал довршувањето на објектот.

Реконструираниот објект бил наменет за сместување на фондацијата Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет, основана од страна на Општина Демир Капија каде дополнително се инвестирани парични средства во висина од 68.437,76 евра за информатичка и компјутерска опрема, опрема за преведување, мебел, кујни и друга опрема како и за други трошоци за организирање на обуки.

Исто така првопријавениот Т.Д. ја злоупотребил службената положба во текот на април 2017 година, потпомогнат од третопријавениот П.М., на начин што без надомест ја отстапил фондацијата Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет, сопственост на Општина Демир Капија, каде претходно од страна на Општина Демир Капија се вложени парични средства од грант договорот во висина од 4.208.922 денари на свој близок роднина, на кој начин му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на Општина Демир Капија.

Пријавените сториле кривични дела со кои е предизвикана штета на буџетот на Општина Демир Капија во износ од 15.456.106 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 13:54