Вкупно 159 домаќинства ќе учествуваат во лотаријата што ја организира Општина Кавадарци за субвенционирање за купување енергетски ефикасни грејни тела, информираат денеска за МИА од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
– Во оваа бројка се вклучени и 30 барања од претходниот повик што не беа разгледани заради исцрпување на предвидениот буџет, кога доделувањето субвенција беше по принципот прв дојден, прв услужен, појаснија од кабинетот.
Потенцираат дека целта е да се стимулираат кавадарчани за примена на почисто гориво и поквалитетни грејни тела за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот.
Согласно на повикот, на жителите кои ќе купат енергетски ефикасни грејни тела (печки на палети и инвертер-клими), општината ќе им надомести дел од трошоците направени при набавка на енергетски ефикасни грејни тела во висина од педесет проценти, но не повеќе од 15.000 денари, со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.
Јавниот повик ќе се реализира по принципот „јавно извлекување“.
Меѓу другите услови што треба да ги исполни барателот на субвенција е и тој до поднесувањето на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут. Новото енергетски ефикасно тело да го купи од денот на објавување до денот на завршување на повикот и истото да биде инсталирано на адресата на живеење наведена во личната карта.
Јавното извлекување по вториот јавен повик за надоместување на трошоците за набавка на енергетски ефикасни грејни тела во Кавадарци за 2018 година ќе се спроведе во вторник во 16:30 часот. Извлекувањето ќе се спроведе во големата сала на општината, во присуство на членовите на трите надлежни комисии.
За време на спроведувањето на јавното извлекување, дозволено е и присуство на барателите на субвенција.
Вкупниот износ што Општина Кавадарци го издвои за субвенционирање на домаќинствата за обезбедување енергетски ефикасни грејни тела изнесува три милиони денари.