Секој трет ден, 67-годишниот часовничар Димитар Чучуроски е пред Саат-кулата во Прилеп. Ја отклучува и полека, внимателно, ги искачува тесните скалила, до врвот. Цели 38 метри. Ја поминува дрвената платформа на врвот на саатот, ги навлекува ракавиците и се наведнува над познатиот механизам. Клатното цело време прави тик-так. Внимателно, со љубов, како кон мало дете, подмачкува, проверува, чепнува, штелува. Саатчискиот мехаизам да работи бепрекорно.

И така секој трет ден. Преку 120 дена во годината. Цели пет години. Откако повторно, по 15-годишна пауза, најпознатата кула во Прилеп, симболот на градот – продолжува да го отчукува и да го мери времето.

Прилепскиот саатчија, Диме Чучуро, чуварот на точното време во Прилеп, со љубов ја раскажува приказната за прилепскиот саат. За тоа како почнал, како што вели „да го храни“ саатот за да чука.

– Саатчија сум од седумгодишна возраст. Фамилијата ми е стара, прилепска, саатчиска, од дедо- прадедо. Го наследив занаетот и сега сум последно колено. Откако го затворив дуќанот со саатчилакот и кога немаше што да правам, си барав некоја работа. Долго време го следев саатот и се прашував зошто не работи. Очекував некој да се заинтересира, да ме повика дали можеме нешто да направиме. Но, никој не се интересираше. Во муабет со мојот сосед, Благоја Димески, инспектор во општината, дали сакаат да го поправам саатот, тој веднаш се согласи. Реков – прво да поминам да го видам, дали може да се поправи механизмот, па ќе ти кажам. Се качивме на саат кулата, го видов проблемот, се нафатив и реков дека ќе направиме саатот пак да чука. И така почна работата. Тоа беше во април 2013 година, ја почнува приказната саатчијата Диме.

Шест месеци работел и го поправил. Официјално, во септември 2013-та.

-Саатот не работел 14-15 години. Пред тоа, разбрав, шестмина инженери се собрале. Го поправале шест месеци. На крајот се скарале. И така го оставиле. Ова го разбрав од инженер кој бил дел од групата. Еден ден ме повика и ме праша: Диме што му направи на саатот што тргна да работи? Јас му реков: Ова беше саатчиска работа, не механичка. Да ме викневте веднаш, ќе свршевме работа. Саатот ќе тргнеше. Инженерот ми честиташе, но рече дека не мора да ја откривам тајната. Таа е занаетчиска, се сеќава Чучуроски.

Од септември 2013 саатот почна да чука. Беспрекорно до ден-денес. Го означува секој половина и секој нареден час. 24 часа секој ден. Зиме и лете. Вели, топлото и ладното време имаат влијание. Механизмот е челичен, од железо, и температурата влијае, и затоа мора да се внимава. На пример, во зима, материјалот се собира и саатот, механизмот, „бега“ напред. Летно време е обратно. Затоа саатчијата Диме е постојано покрај саатот. Го штелува, го контролира.

Самиот механизам е чудо на изработката и издржливоста. Стар е 180 години, откако е изградена Саат-кулата. Донесен е од Виена, Австрија и има необично патешествие.

– Механизмот е австриски. Пред 180 години од Виена до Белград „патувал“ на брод, а од Белград до Прилеп, бил донесен на запрежни коли. Се чудам: Како, во тоа време, пред 180 години, луѓето да имаат такво знаење за саатот, оти, еден милиметар да му фали, застанува, не тргнува. Мора сѐ да биде беспрекорно на него, ништо не смее да „му фали“: од чистење, подмачкување, од дотерување напред-назад. Јас сум заљубен во механизмот, вели Димитар.

Прилепскиот часовничар ги одбива шпекулациите дека навалувањето му штети. Сатот е навален, најмалку еден метар. И уште се навалува, ама нема да падне.

– Сите претпоставуваа дека накривувањето му пречи на саатот да чука, но тоа не е точно. Го санирав проблемот и затоа сега си работи. Саатот уште се накривува. Јас го чувствувам тоа кога сум внатре и сум качен горе. Повеќе е отколку кога се обидоа да го санираат и кога рекоа запрело искривувањето. Но, саатот уште се накривува. Ама понатаму, ќе си стои така. Нема проблем дека ќе падне. Ќе трае, уверува саатчијата Диме.

Чуварот на прилепскиот саат го познаваат сите. Некои, сакаат да му се придружат горе. Прво го прашуваат каде тргнал.

– Со саатот ништо не може да ме изненади. Кога ќе ме сретнат пријателите и ќе ме прашаат каде одам, им велам – Одам на Саатот. Да го нахранам. Се чудат, а јас им појаснувам: Мора да го награнам, треба да чука, значи, му треба храна. Храна му е навивањето, подмачкувањето. При друг случај, викнав еден мајстор, да ми направи дел за саатот. Се качи горе со мене. Рече, нема проблем, но да си одиме. Оди, реков, јас ќе се забавам. Едно време слушам само: „Ах, ах“. Слегов и го прашав што е работата. Рече: Не можам да слезам. Ми е страв. Оние,пак, што се качиле со мене од љубопитство, велат, другпат да не ме бараш да се качувам. Доста ми е, со насмевка раскажува Диме Чучуро.

Сатчијата Диме е вљубен и во целата Кула. Фасциниран е од градбата. Вели, и други градови имаат Саат-кули, ама прилепската е посебна. Градбата е фасцинантна, и ниту еден архитект не може да ја повтори. Има свое објаснување за зборовите што се нашишани на саатот. Така е со животот.

-Оние зборови што се напишани, на македонски и на турски дека саатот чука, го мери времето и за секој поминат час, вели…ах…. Тоа е некоја мисла, не знам од кого е, ама е жива вистина. Со секое отчукување на саатот, ни се намалува векот на живеење. И затоа, не треба да се радуваме многу на чукањето на саатот, оти животот ни се скратува. Ама, и не советува да не губиме ниту една секунда, минута, ниту час од животот, филозофски вели саатчијата Диме.

И додека разговараме, се огласува градскиот саат. Оти, тој е животот за Прилеп.

– Еве го отчукува, како да знмае дека за него зборуваме. Кога ќе го слушнам како отчукува, ми се наполнува душата. Тоа ме храни. Додека можам, ќе се качувам, ќе го навивам механизмот. Потоа, се надевам дека ќе ме наследат или синот, или внукот Андреј. За градот да живее. Да не биде градов како мртов. Оти, помладиве, кои не знаеле дека саатот работи и чука, ми велат – Алал да ти е, чичко Диме. Го оживеа градов со чукањето на саатот. Зашто, Прилеп е познат по градскиот саат. Каде и да појдеш, ќе те прашаат за Саатот, гордо вели Диме.

Прилепскиот саатчија Димитар Чучуроски живее за отчукувањата на градскиот саат. И да не се качува, секој ден поминува, се загледува. Задоволно климнува и продолжува по патот. Сега се подготвува да го смени летното со зимското сметање на времето. Да го врати еден час. Не му пречи на Саатот, Ниту мене, вели Диме.

-Можеби тоа ќе ни даде еден час подолго живеење. Кој знае.

Се насмевнува саатчијата Димитар Чучуроски, го прегрнува внукот Андреј, кој често му прави друштво и влегуваат во прилепскиот “Саат“. Да го проверат. За секој случај.

Елизабета Митреска



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 18:20