Единаесетте општини од Источниот плански регион почнаа постапка за ликвидација на меѓуопштинското јавно претпријатие за управување со отпад „Депонија исток“ со седиште во Штип.

Од локалната самоуправа на Кочани информираа дека причина за ликвидацијата на претпријатието е менувањето на пристапот за решавање на прибирањето, транспортот и одлагањето на комуналниот отпад, што ќе добие поширок меѓурегионален опфат.

-Со оглед што јавното претпријатие досега не почна да функционира, донесена е заедничка одлука за негово ликвидирање. Основачкиот влог во вредност од над 300 илјади денари ќе им биде вратен на општините што пропорционално учествуваа во формирањето. Во меѓувреме, почната е иницијатива за основање ново меѓурегионално јавно претпријатие за управување со отпад што ќе ги опфати општините од Источниот и од Североистичниот плански регион, истакна Венцо Бојков од Секторот за јавни дејности на Општина Кочани.

Иницијативата за основање на јавното претпријатие „Депонија исток“ почна да се реализира пред околу една и пол година, при што се работеше на студија за одржливост и на изготвување техничка документација за изградба на системот за интегрално управување со отпад. Целиот проект беше вреден над 40 милиони евра, а требаше да се реализира со средства од европските фондови.

За да се реализира постапката за ликвидација на претпријатието, неопходно е општинските совети во локалните самоуправи од Источниот плански регион да донесат соодветна одлука.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 18:31