Во Занаетчискиот дом Куманово, вечерва пред граѓаните беше прикажан францускиот филм „Жените од шестиот кат“, комедија која годинава забележа успех и во Франција во рамки на француската филмска вечер.

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристиан Тимоние, учениците од билингвалните паралелки на македонски и француски јазик, кои ја проледија проекцијата, ги нарече „мали амбасадори“ кои го промовираат францускиот јазик.

-Сакаме да им дадеме и поддршка на професорите за извонредната работа, која ја спроведуваат во билингвалните насоки. Учениците имаат успех, добиваат стипендии за Франција, а исто така, се и добри домаќини на нивните соученици од Франција, изјави Тимоние.

Тој истакна дека Куманово е многу важен град, кој промовира разбирање меѓу различните заедници и е пример за Балканот.

Одговарајќи на новинарски прашања тој изјави дека ја видел зградата во која во минатото функционирал конзулатот на Франција и истакна дека е отворен да се разгледаат можностите за отворање простор, каде ќе се одржуваат добрите како што рече „француско-кумановски врски“.

Амбасадорот Тимоние се заблагодари и на поддршката на општината за реализирање на филмската вечер.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 23:03