На големата сцена во театарот „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес, вечерва, премиерно ќе биде изведена претставата „Елешник“ од Југослав Петровски, во режија на Елеонора Теова. Таа појаснува дека „Елешник“ е претстава за дадениот збор, за образот и чесноста на една бескрајна љубов, што стануваат робови притиснати од стегите на лакомоста, отуѓеноста и лошото влијание на „брзото живеење“.
-Немоќниот човек, робот со одземена самодоверба, лажно ја црта својата среќа. Среќа изградена од материјални добра, далечна, надвор од „себеси“, таму некаде. А чесноста останува чесност, со гордо крената глава, готова да му се спротивстави на злото. да го претвори во љубов, мракот во светлина, грдосијата во убавина, чекањето во постоење, потенцира Теова.
Оваа најнова продукција на велешкиот театар е дипломска претстава по театарска режија на младата Елеонора Теова на Факултетот за драмски уметности во Скопје, за која дизајнот го изработи Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов.
Во претставата настапуваат актерите: Кети Борисовска, Андреј Серафимовски, Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски, Марина Поп-Панкова, Кирил Гравчев, Жарко Спасовски и Кристина Нацева.
Првата реприза на претставата е веќе закажана во вторник, 30 октомври.