Македонија и македонската современа литература ќе биде во фокусот на Регионалната програма на годинешниот 24. Саем на книгата во Истра, што ќе се одржи во Пула од 29 ноември до 9 декември.

– Годинешната регионална програма ќе ја претстави современата македонска книжевна реч и општествената сложеност на државата, која, гледано од хрватска перспектива, тивко и сама се носи со своите повеќеслојности, од повеќејазичноста, преку етничкото шаренило, до непријатните соседи, се истакнува во најавата за програмата.

Како што објавува весникот „Глас Истре“, Регионалната програма „Македонија чита“ ќе ја предводи Горан Стефановски, драмски писател од светски глас, чии драми се изведуваат на сцените ширум светот, а чие гостување на Пулскиот саем ќе се памети по премиерно претставување на неговата книга „Одисеј и други драми“, публикувана од Хрватската универзитетска издавачка куќа, што е прв воопшто превод на овој истакнат автор.

– Со помладиот брат музичарот Влатко, Горан и припаѓа на првата македонска културна генерација формирана во општетствени услови на еманципирана нација, која на солдно стекнатото институционално и кретивно наследство од херојското раздобје на модернизацијата одлично се снаоѓа во опчекорувањето на поетолошките и други граници. Втемелувач е на оделот за сценографија во Скопје, а пишување сценарија денес предава на академијата во Кентербери, Велика Британија. Со својот Одесеј (2012) тргнал „насад“ од Истра, од Бриони, преплетувајќи го во него Хомеровиот еп, распадот на Југославија и темата за стареењето, најавуваат организаторите.

Новата, современа, меѓународно признаена Македонија доаѓа во Пула да ја открие живата, динамична, интелектуална и уметничка сцена, која може да се пофали со пропулзивниот глас на помладата генерација, а ќе ја претстават Румена Бужаровска, Никола Маџиров, Лидија Димковска, Роберт Алаѓозовски, Елизабета Шелева, Артан Садику, Владимир Јанковски, Љуљзим Хазири, покрај величествениот драмски писател Горан Стефановски.

Посебно за саемот е обликувана и програмата „Чекаме ветар“, што во Пула ќе го спои сензибилитетот на двајца уметници во единствена сценска изведба. Дарио Марушиќ, истарски музичар и етномузиколог, во поетско-музички перформанс ќе интерпретира поезијата на еден од најистакнатите македонски современи поети Никола Маџиров, наведува весникот.

– Да ја читаш Македонија значи во исто време да се читаш себе си, не за да би се потсетил на нарцизмите на малите разлики, туку на вредностите на големите сличности, за на крајот да би научил нешто за земјата, која, како што пишуваат кај нас весниците, е гурмански рај на добродушни домаќини, која има 280 сончеви денови во годината, и во која, за тоа не се пишува, но за тоа сведочат пулските гости, големиот националистички кич не ја засенил врвната уметност, вели Емир Имамовиќ Пирке, главен програмски селектор на оваа програма, чија реализација е потпомогната од Министерството за култура на Република Македонија, пишува истарскиот весник.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 16:27