По повод празникот Петковден, утре, во делчевските села Селник и Ѕвегор ќе се одржат традиционални црковно-народни собири. Еден од најпознатите собири се организира во црквата „Св.Петка“ во село Селник, каде прославата вообичаено започнува со празнична богослужба, продолжува со културно-уметничка програма и заеднички ручек за сите соборјани, а ќе заврши со општонародна веселба.

-Црквата Св. Петка во Селник е најстара во регионот. Се претпоставува дека е градена помеѓу 14 и 16 век и е единствена со покрив од камени плочи. Со донации од роднокрајци и со средства од Министерството за култура пред нешто повеќе од една деценија се извршени интервенции на објектот и е обновена камбанаријата, велат жители на селото.

Црковниот одбор прави напори за целосна санација на статиката и фрескоживописот на овој сакрален објект што сведочи за вековното духовно наследство на македонско тло. За таа цел се испратени писмени барања до Заводот за заштита на спомениците и до ресорното Министерство.

Освен во Селник, утре Петковден ќе се слави и кај манастирскиот комплекс Св.Илија во село Ѕвегор. Покрај црковниот ручек, утрешниот настан ќе биде збогатен со настап на вокалниот ансамбл Мелизма од црковниот храм Св.Илија – Аеродром, Скопје со изведба на божествена литургија.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 17:45