Над триста средношколци од СОУ “Ванчо Прке“ од Виница се вклучија во акцијата за евакуација и спасување во случај на земјотрес и пожар што беше симулирана во училишната зграда.
Во заедничката активност што се спроведе со противпожарна единица, службата за итна медицинска помош и општинскиот Црвен крст, учениците имаа практична вежба за извлекување повредени лица и давање прва помош.
-Акцијата ја реализиравме со успех, со оглед што навреме беа преземени соодветни заштитни мерки според изготвениот план за евакуација на учениците и вработените во училиштето. Интервенираа и пожарникарите, а учениците кои имаа обука за прва помош во Црвениот крст ги санираа повредите кај настраданите, се до пристигнувањето на итната медицинска помош која ги презеде повредените, истакна Маја Спасова, волонтер во Црвен крст – Виница.
Спасувачката вежба е дел од законската обврска на училиштата во Македонија за одржување на подготвеноста во случај на природна или друг вид катастрофа.
Во симулираната акција беа вклучени и вработените во Дирекцијата за заштита и спасување, во Полициската станица, како и надлежниот инспектор за заштита од пожари.