Поранешните општински објекти во селата Муртино и Куклиш ќе се пренаменат во детски градинки, одлучи Советот на Општина Струмица на денешната 15 седница.
За таа намена се издвоени осум милиони и 765 илјади денари, обезбедени од ИПА проектот и од општината.
Советниците донесоа одлука за усвојување на Спогодбата за начинот и условите за заедничко организирање на извршувањето на линискиот превоз на патници за општините Струмица, Босилово, Василево и Ново Село. Одлуката треба да ја потпишат градоначалниците на четирите општини, а Министерството за транспорт и врски треба да даде согласност.
Советот донесе одлука за усвојување на оперативен план за организирање и вршење на специјален превоз со специјално возило што беше добиено лани како донација од Владата на Република Бугарија, а е наменето за сите ранливи групи во Општина Струмица, како и правилник за користење на возилото. Притоа беше констатирано дека општината е прва таква во државата која извршува превоз на ранливи групи од нивните домови до местата каде тие престојуваат.
На барање на советниците од ВМРО ДПМНЕ, Советот ја задолжи општинската администрација и градначалникот Коста Јаневски да подготват писмена информација за состојбата со загаденоста на воздухот во градот и истата да биде доставена во рок од десет денови.
Беше усвоена програмата за одржување на улиците и локалните патишта во зимски услови, а беа разрешени и именувани членови на Советите за јавно здравје, за превенција и детско претстапништво и за заштита на потрошувачите.
Советниците едногласно донесоа одлуки за утврдување потреба од донесување на урбанистичка планска документација за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти во повеќе населени места.
Денешната седница на Советот на општина Струмица ја следеа ученици од Гимназијата „Јане Сандански“.