Градоначалникот Аце Коцевски денеска давајќи отчет за неговото едногодишно раководење со општина Велес рече дека општината излегува од криза бидејќи вратила најголем дел од долговите од претходната власт и потенцира дека сега таа оди во вистинска насока.
– Само со одговорно, чесно, домаќинско, отчетно и транспарентно работење општина Велес повторно ќе биде пример за сите останати општини во земјава, нагласи Коцевски
Тој рече дека поради наследениот долг од неодговорното работење на претходното раководство во висина од два милиони и 769 илјади евра не може да ги реализира сите планирани проекти.
– Прашањето е длабоко морално и етичко и е поврзано и со новиот закон што треба да влезе во парламентарна постапка околу санирање на долговите на општините.Јас ни крив ни должен доживувам тешки критики од граѓаните дека не градам како што сум градел во моите претходни мандати како градоначалник. Одлучив најголемите долгови на општина Велес во најголем дел да ги вратам, а штом враќате долгови малку останува за сите планирани проекти и ние работиме само на најнеоходните проекти, потенцира Коцевски.
Тој смета дека конечно некои од претходните градоначалници треба да одговараат пред лицето на правдата заради незаконското работење.
– Голем дел од општините во Македонија се заглавени во долгови од кои некои се објективно, но најголем дел се поради неодговорниот однос на градоначалниците кои сакале во пресрет на изборните кампањи да им се додворуваат на граѓаните. При тоа граделе на вересија трошеле многу повеќе пари отколку што реално собрале во буџетот. На тој начин ги поткопувале основите на општините и работеле назаконски, потенцира Коцевски.
Градоначалникот на Велес информира дека дека општината ја затекнал заглавена во огромни долгови во висина од 2,8 милиони евра од кои најмногу 1,5 милиони евра кон ЈКП „Дервен“ .
Долговите кон ЈКП „Дервен“ биле направени од минатата општинска власт која од 2013 до 2017 година не платила ниту една фактура, а тој за една година, како што рече, со домаќинско работење вратил 400 илјади од долгот кон нив.
Тој ги наброи најзначајните проекти на кои работи општината како проектот за изградба на колекторски систем со пречистителна станица вреден 24 милиони евра, проектот „Смарт езеро „Младост“ вреден над еден милион евра кој успешно ја поминал првата фаза на апликација, проектот за гасификација, новите сообраќајни решенија, новите јавни претпријатија и планот за паметно искористување на 20 објекти во сопственост на општината.
Во комуналната инфраструктура биле издадени се 312 работни налози за проекти и интервенции од кои 250 се реализирани, а останатите се во тек.
Тој најави нови проекти за нова библиотека, Младински креативен центар, уреден простор околу Саат кулата, туристичко биро но и проекти за уредување јавни површини што ќе придонесат за поубав и поуреден град, повеќе сообраќајни решенија и изградба на паркинзи и зонско паркирање во градот.