Околу 120 ученици од основните школи во Ранковце и Старо Нагоричане, како и нивните родители, заедно со наставниците по физичко и здравствено образование денеска учествуваа во активностите од проектот „Спортот и семејните вредности” што се одржаа во спортската сала на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош” во Ранковце.

Проектот е повеќегодишен, а го реализираат Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија (ССФМ).

-Целта е младите да се научат на почит, меѓусебно разбирање, поврзување и дружење со соучениците преку спорт, делејќи заедно победи и радости, поттикнување што повеќе да се вклучат во спортот, зашто се на почеток на воспитно-образовниот процес, изјави претседателот на ССФМ Наташа Илиевска-Јордановска.

Учениците во мешани групи со другарчињата, соучениците и родителите играат штафетни игри со елементи од кошарка, фудбал, ракомет, тенис,одбојка, со цел поттикнување проактивен спортски ангажман.

-Спортот е најкорисна активност за исполнување на слободното време на младите, најдобар начин за зајакнување на телото и умот, за дружење и поминување повеќе време со блиските и родителите. Посакувам сите дечиња да развијат спортски дух на фер и коректно однесување, рече градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски.

„Спортот и семејните вредности” се организира трета година и се имплементира во шест до седум општини, секогаш различни.

-Во изборот на општините се дава приоритет на помалите каде можностите и избоот на спортски активности е мал или е на пониско ниво. Годинава се опфатени Ростуше, Могила, Ранковце и Старо Нагоричане, а до крајот на 2018-та ќе се спроведуват активности во уште неколку други општини, додаде Илиевска-Јордановска.

Во спортските активности денеска се вклучи и генералниот секретар на ССФМ Борче Боев.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 19:50