Општина Велес објави конкурс за доделување на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“, информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски.

На конкурсот е назначено дека предлог за кандидат можат да поднесат физички и правни лица од областа на драмската уметност како драмски уметници, национални и локални институции и здруженија на граѓани од областа на драмската уметност од Република Македонија.

Кандидатите треба да се професионални драмски актери државјани на Република Македонија. Приоритет на конкурсот имаат драмските актери од средната генерација. На конкурсот нема да се земаат предвид предлозите со кои кандидатите се предлагаат самите себе си.

Крајниот рок за доставување на предлози е 2 ноември 2018 година, најдоцна до 15:00 часот во Општина Велес, ул.„Панко Брашнар“ бр.1, лично или по пошта.

Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен дел.

Наградата е востановена во 2006 година од Здружението на драмски уметници „Џинот“, Народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ од Велес и Општина Велес

Прв добитник на наградата во 2006 година беше актерот Благоја Спиркоски-Џумерко, а потоа и Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов Дац, Александар Ѓорѓиев, Милица Стојанова и Кирил Гравчев во 2016 година.

Лани во 2017, не беше распишан конкурс и наградата не беше доделена

Во чест на годинашниот добитник на наградата „Петре Прличко“ на 10 ноември на сцената на Велешкиот театар ќе одигра претстава и ќе биде врачена наградата.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 19:58