Со презентација на публикацијата „Анализа на политиките и состојбата во областа на пристапноста на објектите и информациите во општина Крива Паланка“, Здружението „Хендикеп плус“ го заокружи проектот „Пристапноста – наше право“. Публикацијата е поддржана од „Полио плус“ во рамки на проектот „Маргина обскура – прашањето на хендикеп во пристапувањето кон Европската унија“ финансиран од Европската унија.
– Активностите се реализираа од јуни до октомври годинава, со изготвување анализа „Пристапна и достапна општина Крива Паланка“ која има за цел да даде приказ колку општината е пристапна и достапна согласно Конвенцијата за права на лицата со хендикеп на ОН и да ги интерпретира во светло на обврските на државата во спроведување на Конвенцијата во локален контекст. Предизвик во анализата беше разгледување на видувањата на лицата со хендикеп за пристапноста на општината, но се надмина со анкета на лицата. Анализата го појаснува значењето, опсегот, како и отворените прашања и дискусии за состојбата на локално ниво, рече Бранкица Димитровска од „Хендикеп плус“.
Анализата покажува дека голем дел институции во општината се непристапни, а локалната самоуправа има само пристапна рампа. Нема лифтови во ниедна институција, нема никаков транспорт, непристапни се: УЈП, Центарот за социјални работи, Катастар, Здравствен дом, Основен суд, спортски игралишта, МВР. Нема соодветна сообраќајна сигнализација, здравствените работници не знаат знаковен јазик и нема тактилни патеки. Пристапен е Градскиот музеј, дел од училиштата, предучилишната установа и АВРМ.
– Анализата содржи препораки и заклучоци, меѓу кои и за усогласување на Статутот на општината со Конвенцијата за права на лицата со хендикеп. Во сите програми и области на општината отсуствува обезбедување еднаквост и заштита од дискриминација на граѓаните со хендикеп, на локално ниво има недостиг од процедури, механизми и организациски капацитет со чија помош би можеле да се идентификуваат локалните потреби и соодветно да се одговори на нив, додаде Димитровска.
Според анализата, 85 отсто од испитаниците укажуваат дека лицата со хендикеп не учествуваат во креирањето политики на локално ниво. Исто толку испитаници посочиле дека не ни учествуваат со свои предлози во изработка на планови на локално ниво.
Анализата треба да служи како алатка за разбирање на прашањето на хендикеп, а наодите да послужат во иднина за спроведување мерки и програми за обезбедување целосна пристапност и достапност на локално ниво како и остварување на правото на лицата со хендикеп кои произлегуваат од Конвенцијата.