Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој Арт Поинт – Гумно во село Слоештица, јубилејот – 15 години креативна работа ќе го одбележи со изложба што ќе биде отворена вечер во Домот на културата ,,Илинден” во Демир Хисар.
На изложбата насловена „Рајот постои“, која се приредува во склоп на манифестацијата „Демир Хисар град на култура, 2018“ ќе бидат претставени дела (слики-скулптури) на меѓународни уметници, изработени за време на нивниот престој во уметничкиот центар во Слоештица.
Според организаторот, долгогодишната активност на АРТ ПОИНТ – ГУМНО во областа на уметноста, нивната промоција на македоската уметност, традиција и култура низ светот ќе привлече голем број странски уметници да допатуваат во Македонија, поточно во демирхисарското село Слоештица кое ќе стане „уметничко гумно“ каде во изминатите 15 години ќе биде домаќин на повеќе од 40 реномирани странски уметници. Со оглед на големата уметничка колекција која Центарот ја поседува, на изложбата „Рајот постои – 15 години АРТ ПОИНТ – ГУМНО“ ќе бидат селектирани 18 автори претставени со по едно уметничко дело.
На изложбата ќе може да се погледне скулптурата „Ангелот чувар“ (2003), изработена од дрво и жица на германскиот уметник Хубертус Хес, која во суштина претставува и првото уметничко дело изработено во Центарот АРТ ПОИНТ – ГУМНО. Покрај Хубертус Хес ќе бидат изложени дела на: Раед Ал Рави, (Ирак/САД), Памела Тол Валас (САД), Сет Ладман (САД), Паоло Гајад (Бразил), Елизабет Рос (Мексико), Герхард Штајнле (Германија), Александар Педовиќ (Србија), Јана Хунтерова (Словачка), Јан Тријашка (Словачка), Лоне Сиберг (Данска), Мишел Коноли (Австралија-Велика Британија), ГејлТастин(САД), Рози Њуман (Шкотска), Герлинде Пистнер (Германија), Мејси Лаградо Ротман (Германија/Филипини), Ајрон Мајрош (Унгарија)/ Ќе биде изложено и дело на Дик Робертс (САД), кој воедно, инспириран од Слоештица ќе си креира втор дом и работно студио во селото што ќе стане негово живеалиште за време на неговите престои во Македонија.
Проектот „Рајот постои” претставува ретроспектива на се што е направено и постигнато во изминативе 15 години во рамките на една од главните програми на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој
„Арт Поинт – Гумно“. Со поддршка на Министерството за култура на РМ, центарот подготвува публикација во која, освен врвна уметност, ќе биде прикажано како, преку уметноста, оживуваат селата, се промовира традицијата, се прошируваат видици и се раѓаат вечни пријателства, се градат мостови меѓу навидум непремостливи јазови, а пред се, како се создаваат културни амбасадори за Македонија, посочуваат од Меѓународниот центар „Арт Поинт – Гумно“.
Ова тн „уметничко гумно“ се наоѓа во магичното село Слоештица, во подножјето на Плакенска Планина. Инспирирани од максимата на Тезеј: „Допри ја земјата за да се кренеш!“, основачите на центарот, семејството Андреевски, веќе 15 години активно делуваат на полето на културата и уметноста и заштита на биодиверзитетот и животната средина.
За Уметничката резиденција „Арт Поинт-Гумно“ се вели дека е можеби најпрепознатливиот бренд што е изграден низ годиниве, афирмиран не само во Македонија, туку и во меѓународни рамки. Благодарение на креативните авантури на Сергеј низ целиот свет, дел од истакнатите уметници и уметнички организации со коишто тој се среќава, стануваат гости на креативното гумно во Слоештица. Од 2003–2017 година, над 40 реномирани меѓународни уметници беа официјални гости на уметничката резиденција во Слоештица. Работилницата вообичаено се организира еднаш годишно за два до четири уметници од различни
земји од светот. За време на нивниот престој во селото, кој трае најмалку три недели, уметниците креираат инспирирани од природните убавини на регионот и од оригиналниот дух на локалното население. Програмата опфаќа и посета на значајни културно-историски, туристички локации во регионот (Демир Хисар, Крушево, Битола, Охрид и др).
Покрај создавањето уметност, гостите реализираат активности за, и во соработка со локалните жители. Ваквите проекти за доброто на заедницата изградија вечни пријателства и отворија нови хоризонти. При крајот на секоја Резиденција, се организира изложба на изработените дела, со наслов „Отворено студио“. Овие настани се редовно посетени од бројни љубители на уметноста, а се документирани како од домашни, така и од странски медиуми.