Мултимедијалниот проект „Монолози“ ќе се одржи вечерва во Музеј на Град Скопје во рамки на фестивалот „Златна лира“. „Монолози“ претставува своевиден музички театар, во кој музичката изведба и драмската игра се обединети во уникатен музички перформанс.

Уметничкиот фокус во „Монолози“ е ставен врз народното творештво во современата македонска музика, низ делата на авторите Дамјан Темков, Драган Ѓаконовски – Шпато, Томислав Зографски, Гоце Коларовски, Иван Петровски, Тодор Скаловски, Властимир Николовски, Маја Јовановска, Димитрије Бужаровски, Трајко Прокопиев и Наташа Стојановска.

Настапуваат Ивана Јордановска, Ема Ананиевска, Диана Мирчевска, Тамара Коминовска, Ивана Стојановска, Марко Гапо, Антоние Весковски, Александра Чуруковска, Чедомир Митевски, Зоран Митровиќ, Давид Илиќ и Сара Атанасовска.

„М како манија. М како мисла. М како мајка, како миг, како мака. М како мак, како монотонија, како минливост. М како младост или М како машина. М како маска, како мелодија, како мир. М како модерна. М како музика“ е пораката на концертите „Монохроматика“ и „Монолози“, кои претставуваат дел од уметничкиот циклус со наслов „М“, посветен на современото македонско музичко творештво.

Тие се замислени како дихотомен пар на двата елементи на современата македонска композиција: фолклорот и модерната, традицијата и прогресивниот, нов музички израз. Во нивната идејна основа е македонската музичка мисла, нејзиното шаренило и експресија претставено преку синкретичниот спој на живата музичка изведба со други уметности.

Првиот концерт од циклусот, насловен „Монохроматика“ кој беше изведен на годинашните „Денови на македонска музика“ претставува синестетски аудиовизуелен перформанс на потрагата по бојата и тонот во современото музичко творештво.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/10/2018 10:35