Во делчевското село Селник денеска се одржа општо-народен црковен собир во чест на празникот Петковден. Црквата посветена на Света Петка беше претесна да ги собере верниците кои дојдоа од сите краишта на Делчевско и вкусија од манастирската манџа која во чест на денешниот празник им се дели на верниците.
Црквата, како што информираше Милан Петровски кој е родум од Селник, според некои информации датира од 14 век и е една од најстарите во Пијанец.
-Се претпоставува дека црквата е изградена во 14 век, а спрема фреските е докажано е дека потекнува од 17 век. Црквата е како државен споменик, заштитен споменик. Група енутизијасти секоја година организираат прослава на тој ден и се трудиме да ја задржиме традицијата. Секој е добредојден и еднакво услужен, вели Петровски.
Како што информира Петровски, низ годините наназад црковниот одбор правел напори фрескописот во црквата да се обнови и со тоа да се заштити од пропаѓање.
-Како црковен одбор не сме моќни ништо да направиме, секој пат низ годините наназад тоа се одложува поради недостиг на средства, но се надеваме дека ќе наидеме на интерес за да се реставира она што со љубов некој некогаш го насликал на ѕидовите, бидејки е раритет кој ретко дека го има на друго место, вели Петровски.
Годинава како што информираа од црковниот одбор за заедничката трпеза готвачите имале на располагање 20 јагниња кои биле обезбедени од страна на домаќините кои се која година се пријавуваат да бидат спонзори на црковната гозба.
Освен во Селник, денеска црковни собири се организираа и во делчевските села Црквенец и Ѕвегор.