За целосно да ја променат сликата на крајбрежјето на Осломејското Езеро, поголема група риболовци и љубители на чистата природа од Кичево и соседните села, денеска спроведоа еко-акција во опкружувањето на оваа акумулација, бидејќи на повеќе локации во крајезерскиот појас беа создадени вистински депонии од секаков вид ѓубре, што го одложиле неодговорните граѓани.

-Откако минатиот викенд го извршивме првото порибување на Осломејското езеро, денеска спроведуваме масовна еко-акција во која беа вклучени поголем број спортски риболовци од градот и љубители на чистата природа од Кичево и локалните населени места. Ние и претходно спроведовме неколку еко-акции, бидејќи околу езерото имаше многу ѓубре, а делови беа зарастени и од трње, при што пристапот до самото езеро беше доста тежок, истакна Бесмир Елези, спортски риболовец од Кичево, кој очекува овие акции да ги променат навиките на граѓаните да не фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат.

Очекуваме преку оваа акција да ја разбудиме свеста на граѓаните и месните жители, да не го одлагаат ѓубрето крај самото езеро и да водат повеќе грижа за да биде зачуван овој бисер на природата од непроценлива важност за сите нас.

-Со овие еко-акции и чистење на овој локалитет и самото езеро ќе биде многу попривлечно, како за локалните жители, така и за оние љубители на природата и риболовци од соседните градови и општини- додаде Елези, редовен посетител на Осломејското Езеро, еден од иницијаторите на овие еко акции и порибување на езерото.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2018 12:49