Почна уривањето куќи склони кон паѓање во Кавадарци. Од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев, денеска информираа дека по околу 60 години се уриваат ваков тип куќи кај триаголникот во градот.

– По уривањето, ќе се изгради и тротоар и наместо досегашната црна точка во сообраќајот, ќе се добие безбедно место за сообраќај, соопштија од кабинетот на градоначалникот.

Десет куќи беа прогласени за склони кон паѓање во Кавадарци, сопствениците требаше да ги санираат или урнат. Тоа мора да го сторат заради безбедност на луѓето и околината, рече неодамна за МИА кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Во изминатите години била прогласена само една куќа склона кон паѓање. Имајќи предвид дека вистинската ситуација е малку поинаква, општински комисии излегоа на терен и регистрираа десет такви објекти во многу лоша состојба, појасни градоначалникот.

Биле изготвени записници за објектите склони кон паѓање и за тоа писмено биле известени нивните сопственици.

-Тие имаат рок од триесет дена да направат санација или да ги отстранат објектите затоа што се небезбедни за луѓето и околината. Доколку не постапат по тие решенија, општината нема да застане тука и на наше барање со градежна компанија или Јавното претпријатие „Комуналец“ ќе се отстранат објектите, а за тоа ќе им биде наплатено по пазарна цена. Тие мора да бидат свесни за целата оваа ситуација, нагласи тогаш Јанчев.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2018 15:21