Група од дваесетина планинари од Делчево, Берово и Македонска Каменица, членови на делчевскиот планинарски-спортски клуб Голак, реализираа планинарско-рекреативна маршрута до локалитетот „Калата” кој се наоѓа на 523 метри надморска висина во срцето на езерото Калиманци.

Како што информираше лиценцираниот планинарски водич и претседател на ПСД ,,Голак”, Љупчо Чучуковски, временските услови биле идеални за пешачење при што сите планинари успешно ја поминале патеката.

– Локалитетот ,,Калата” датира од римско време и бил модерна населба која опстојувала се до Османлиското ропство, каде била уништена. Од овде се извадени многу артефакти, но сепак локалитетот не е целосно истражен. За нас како ПСК „Голак” Делчево, ова е многу значајно за промовирање на вакви и слични рекреативно-живописни патеки, за тие во иднина да бидат уредени и користени од планинари, рекреативци, спортисти, велосипедисти и кајакари, вели Чучуковски.

Според информациите на Чучуковски, „Калата” е една од најстарите утврдени населби во регионот на Пијанец која се наоѓа на само четири километри од Македонска Каменица. Локалитетот е заграден од реките Каменичка и Брегалница и се наоѓа во срцето на езерото Калиманци, на падините на Осоговските Планини на 523 метри надморска висина.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2018 09:44