Нови, досега необјавени песни од Тоше Проески содржи албумот „Secret Place“ кој ќе биде промоворан на големиот концерт во негова чест в петок во ВИП Арена „Борис Трајковски“.

Тоше е автор на дел од песните, а неколку ги создал заедно со англискиот композитор и продуцент Енди Рајт, во чие студио е работен албумот и кој ќе престојува во Скопје.

На концертот премиерно ќе бидат прикажани два нови видеозаписа со Тоше. Утре ќе биде пуштен спотот за песната „We are blood“, која ја пее внукот на Тоше, Кристијан Ристески, и е дел од новиот албум. Песната од денеска се емитува на радиостаниците.

На концертот на 2 ноември ќе настапат македонски и музичари од регионот, меѓу кои: Борис Новковиќ, Владо Калембер, Каролина Гочева, Бојан Маровиќ, Тијана Дапчевиќ, Ања Рупел, Тамара Тодевска, Даниел Кајмакоски, групата „Фрајле“, Наум Петрески, бугарската пејачка Клавдија, Борис Режак, Антонија Гиговска, Александар Тарабунов.., а неговиот внук Кристијан ќе ја изведе „We are blood“. Организатор на концертот е Фондацијата „Тоше Проески“ од каде што соопштија дека со овој концерт продолжува хуманата мисија на Тоше. Средствата се наменети за Домот без родители „11 Октомври“ во Скопје.

Почетокот на концертот е во 20 часот. Влезниците се по цена од 250 и 350 денари и може да се купат во Југотон, Розе Веро 2 и Носталгија рекордс.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2018 14:39