По кусо и тешко боледување вчера почина професор емеритус Александар Николовски, кој во текот на својот животен век извршуваше голем број државни и академски функции.

Тој беше прв ректор на Универзитетот ФОН, претседател на Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија,долгогодишен професор и продекан на Економскиот факултет и Правниот факултет при УКИМ, основач и прв претседател на постојаниот избран суд (арбитража) на Македонија меѓу другите функции. Неговите книги се дел од постојаната колекција на конгресната библиотека во Вашингтон, САД.

Комеморација за Професор Емеритус Александар Николовски ќе се одржи утре со почеток во 11 часот во свечениот амфитеатар на ФОН Универзитет и задутре во десет часот на Економскиот факултет на УКИМ.

Погребната церемонија е закажана за задутре во 11 часот во капелата на градските гробишта во Бутел.

Професор Емеритус Александар Николовски е роден на 10.03.1936 година во с. Леуново, Маврово. Дипломирал на Правниот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 1960 година, како прв од генерацијата 1956 година, магистрирал во 1971 година на истиот факултет на тема „Меѓународна правна помош“, каде и докторирал во 1973 година на тема „Правни последици врз земјиштата и објектите предизвикани од природните катастрофи“.

Во својот работен век бил секретар на Општина Кисела вода, генерален секретар на Градско Собрание, во јануари 1974 година бил избран во доцент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде подоцна бил избран и во вонреден и редовен професор, а бил и продекан на истиот факултет.

Во периодот од 2003-2007 бил ректор на Европскиот Универзитет-Република Македонија, а од 2007 до 2013 година и ректор на Првиот приватен ФОН-Универзитет. Исто така, два мандата бил председател на Ректорската конференција на приватните универзитети во Република Македонија, а потоа и претседател на Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија, како и потпретседател на Алијансата на централно-источни европски универзитети. Во 1993 година бил основач на Постојаниот избран суд (арбитража) при Стопанската комора на Република Македонија, каде бил претседател се до 2011 година, а до крајот на животот и почесен претседател. Исто така бил и меѓународен арбитер во повеќе меѓународни арбитражи, меѓу кои: Москва, Киев, Софија, Љубљана, Сараево, Белград, Загреб, Виена и други.

Има објавено 34 книги од кои десет се наоѓаат во Конгресната библиотека во Вашингтон и огромен број рецензирани научни трудови објавени во Македонија и странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2018 21:17